Јас донесов своја одлука. Не од сега, од пред 30 години. Јас ќе се попишам. Вие сте доволно зрели да донесете сами одлука. Јас секогаш сум се попишувал. Ќе го направам тоа и сега. Има луѓе кои велат нема да се попишат. Ја слушам власта ќе ги казнува тие луѓе. Па нема поголема глупост од тоа да казнувате луѓе кои не сакаат да се попишат.




Вие не треба да се попишете од страв, туку од срам, дека ако не се попишете бројот на процентот на македонците на пописот во Македонија ќе биде многу помал отколку што е реалната бројка. Не постои поголема глупост да им се заканувате на македонците дека ќе ги казнувате ако не се попишат.




Модерната форма на патриотизам подразбира друг начин на комуникација на граѓаните со државата. Затоа државата треба да престане да се заканува дека ќе ги казнува граѓаните. Таа треба да ги убеди дека треба да се попишат. А не ние државата која е и така клекната на колена, дополнително да ја туркаме во калта. Ние имаме две мајки, едната која не родила, и државата која е наша втора мајка. Таа некогаш може да не сака, и да не не сака, може да има пари, може да нема пари, може да се грижи или да не се грижи за нас. Ако се откажеме од едната или другата мајка, ние можеме да најдеме маќеа но таа никогаш нема да ни ја даде истата љубов. Тоа е незаменлив однос. Ние можеме да сме бесни, разочарани и имаме право тоа да бидеме но во моментот кога ќе се решиме да се откажеме од нашата мајка ние се откажуваме од нешто што е свето и трајно.




Се после овој попис ќе биде различно во Македонија. Вие немате право да си играте со иднината на Македонија. Некој патриотизмот го разбира да го истетовира со знамето на Вергина, ќе опнете 4 пива и вие сте големи македонци. И како такви ќе го бојкотирате пописот а ќе земете бугарско државјанство и со тоа нема да бидете ни свесни која штета ја правите на сопствената држава.




Односот кон државата е давање и земање. Ако се откажеме од тој однос, ние ќе се откажеме од нашето семејство. ВО СФРЈ јас се чувствував гордо, јас ја сакав таа држава, во ЈНА заминав непосредно пред распад на Југославија, само слеп човек не го гледаше тоа дека ќе се распадне СФРЈ, можев да чекам да се распадне државата и да не одам да служам војска. Живеев во две држави, во СФРЈ и во Република Македонија. Јас сум горд што сум живеел во овие две држави. Многупати не сум го дал тоа што треба за двете држави, многупати не сум добил тоа што сум го заслужил но таа љубов не е за тргување. Кога сум ја сакал Југославија, не сум бил помалку македонец, сега кога ја сакам Македонија не значи дека сум бил мал југословен.
