Актерката Весна Петрушевска се огласи со видео-порака на својот Фејсбук профил, упатена кон менаџерот на српскиот пејач Аца Лукас, Саша Мирковиќ. Повод за реакцијата е неодамнешното апсење на пејачот во Кавадарци, кога настапот бил прекинат нешто по полноќ, а полицијата го привела поради настап без соодветна дозвола.
Во пораката, Петрушевска потсетува на навредливата изјава на Мирковиќ, кој наводно ја нарекол македонската нација „телетабиси“.
„Дали не ве навредува тоа што менаџерот на Лукас ја нарекува цела наша нација ‘телетабиси’? Како не те е срам?“ – прашува актерката во видеото.
Петрушевска нагласува дека за вакви изјави мора да реагираат институциите, бидејќи тоа не е само лична навреда, туку прашање на јавна одговорност и почит.
„На што личи вакво однесување? Тоа е невоспитано и срамно“, вели таа, додавајќи дека ваквите епитети не само што повредуваат, туку и поттикнуваат поделби и нетрпеливост меѓу граѓаните.
Според неа, проблемот не е само на естрадната сцена, туку е јавен и бара институционална реакција за да се спречи ширење на говор на омраза и негативни стереотипи.
Во официјалното соопштение на МВР беше наведено дека апсењето на Лукас е извршено поради настап без валидна работна дозвола, согласно член 217 од Законот за странци.
Целото видео од Петрушевска може да го проследите на овој линк.
