Попладнево во селото Жидилово, Крива Паланка, се случи вистинска драма кога полицијата го приведе поранешниот сопственик на околу 500 крави, поради попречување на инспекциските служби од Агенцијата за храна и ветеринарство. На терен бил излезен тим кој требало да го спроведе одземањето на добитокот, по бројните поплаки од жителите за штети на нивните имоти.
На видеото што го објави една од неговите ќерки, се гледа како службениците на АХВ се обидуваат да ја завршат работата, додека полицијата се соочува со отпор од сопственикот. Во моментот кога тој почнува да се спротивставува, полицајците го совладуваат и го приведуваат, додека неговите ќерки со крик и паника се обидуваат да го ослободат, молејќи за помош.
Полицијата потврди дека лицата Г.Ѓ., А.Ѓ. и А.М.Ѓ. биле приведени поради попречување на службени лица за време на асистенција на инспекторите од АХВ. По интервенцијата, сопственикот Ѓорѓиевски е префрлен во полициска станица, а случајот е предаден во надлежност на обвинителството.
Од Обвинителството во Куманово информираат дека е отворен предмет кој ќе се води по забрзана постапка, а утре ќе се разгледаат деталите откако ќе стигне официјалниот полициски извештај. Жителите од регионот и претходно се жалеле за закани и штети поврзани со поранешниот сопственик на стадото и неговите ќерки.
Во продолжение може да го погледнете видеото од инцидентот.
