Бројот на невработени во Австрија расте веќе 32 последователни месеци, а првите знаци за можен опоравок во 2026 година сè уште се слаби.

Стапката на невработеност во Австрија во ноември пораснала од октомвриските 7,2% на 7,5%, додека 399.199 граѓани се водат како невработени или во процес на преквалификација, покажуваат денешните податоци на австриската Агенција за вработување (AMS).

Бројот на невработени расте веќе 32 месеци по ред, а сигналите за закрепнување во текот на 2026 година засега се минимални, пренесува виенскиот „Пресе“.

Најголем годишен раст на невработеноста е забележан кај жените – 6,2%, како и кај лицата постари од 50 години – 5,6%.

Особено се погодени сојузните покраини Долна Австрија, каде што невработеноста пораснала за 6,9% на годишно ниво, и Штаерска – 5,7%. Најмал раст има во Корошка – 0,7%.

По сектори, најголем пораст на невработеноста е забележан во здравството и социјалните услуги – 16,8%, потоа во трговијата – 7,4%, транспортот и складирањето – 6,7% и индустријата – 5,2%.

AMS предупредува дека одредени сектори, како што се градежништвото и земјоделството, се подложни на сезонски варијации, па зимскиот период дополнително ќе ја зголеми невработеноста.

Бројот на слободни работни места продолжува да опаѓа – на крајот на ноември биле регистрирани 71.933 отворени позиции, што е 13,2% помалку во споредба со лани.

Сличен пад е забележан и кај местата за учење и пракса, чиј број е намален за 17,3% во однос на ноември 2024 година, додава австрискиот медиум.