Апостолот Христов го поучил во вистинската вера, а потоа го крстил.

 

Православна црква и нејзините верници денес, на 3 септември, го слават Светиот апостол Тадеј.

Еден од Седумдесетмината, а не оној Тадеј кој бил еден од Дванаесетмината апостоли.

Според преданието:

Свети Тадеј најнапред го видел и чул Јован Крстител и примил крштевање од него, а потоа го видел Исус Христос. Господ го вброил во седумдесетмината помали апостоли.

По своето славно воскресение и вознесение, Господ го испратил Тадеј во Едеса, родниот град на Тадеј, согласно со своето ветување дадено на кнезот Авгар, на кого му го испратил убрусот со Својот лик.

Со целивањето на тој убрус Авгар бил исцелен од чумата, но не целосно. Мал дел од болеста му останал на лицето. Кога свети Тадеј му се јавил, Авгар го примил со голема радост.

Апостолот Христов го поучил во вистинската вера, а потоа го крстил.

Кога крстениот Авгар излегувал од водата, и последниот остаток од чумата исчезнал од него, и тој целосно оздравел. Прославувајќи го Бога, кнезот Авгар сакал и неговиот народ да Го запознае Бога и да Го прослави.

Кнезот тогаш ги собрал сите граѓани на Едеса пред апостолот свети Тадеј, за да ја чујат проповедта за Христос.

Откако ги слушнале апостолските зборови и го виделе чудесното исцелување на кнезот, луѓето ги отфрлиле идолите и нечистиот живот, ја примиле Христовата вера и се крстиле.

И така градот Едеса се просветил со христијанството.

Кнезот Авгар понудил многу злато на апостолот, но Тадеј му одговорил: „Кога своето оставивме, како туѓо да примаме?“ И продолжил свети Тадеј да го проповеда Евангелието низ Сирија и Феникија.

Свети Тадеј се упокоил во градот Вирит во Феникија.

Обичаи и верувања:

Обичаите налагаат на овој ден да се отиде во црква и да се помоли човек за здравје на своите ближни.

Народните преданија велат дека Бог ќе ја сочува семејството од болести, несреќи и зло ако Му се обратиме искрено и со чиста молитва.