Борбата за слобода на Македонија на ВМОРО, Гоцевото револуционерно дело, без оглед на националните и религиски чувства и определби, ги поставиле темелите на националната слобода на македонскиот народ.
Затоа, да се каже оти Гоце бил Бугарин, кој се борел за бугарската кауза во Македонија, само поради фактот што така се определувале припадниците на ВМОРО и македонската интелигенција во Бугарија, е историска манипулација!
Дали Гоце Делчев е Бугарин или Македонец? На ова прашање сите пристојни луѓе и во Скопје и во Софија ќе ви одговорат со контра прашање: ти сериозно прашуваш или се обидуваш да провоцираш? Бугарите ќе ви речат – се разбира дека е Бугарин, така самиот се декларирал, а Македонците налутено ќе ви возвратат – а што би можел да биде друго освен Македонец, кога е роден во Македонија и животот го дал за слободата на Македонија!?
Кога веќе бугарските историчари не сакаат да го прифатат предлогот на нашите и двете гледишта паралелно да бидат дел од историографијата со различни перспективи, туку бараат прифаќање на едно гледиште, односно сакаат да го наметнат своето, сега и останува на заедничката историска комисија да дојде до некаков вординг, некаква формулација (зборот компромис и припаѓа на политиката, а не на науката) за решение со кое ниту една страна нема да се чувствува поразено. А може ли? Премиерот Заев вели дека може, зашто ако не се најде такво решение, тогаш официјална Софија може да стави вето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ на РС Македонија.
Бидејќи Гоце Делчев е апостолот на македонското револуционерно движење, национален мит на Македонија и на Македонците, најчесто на ум ми паѓа една историска паралела со една од најмитологизираните личности во историјата на човештвото. Исус од Назарет! Исус бил Евреин, се разбира воспитуван во еврејски дух. Еврејството и тогаш, но и до денешен ден означува религиска припадност. Но, по што е познат Исус во општата историја на човештвото? Или, со други зборови, каков е неговиот изворен, доминантен и определувачки идентитет? Што е Исус Христос, Евреин? Или можеби Римјанин, поданик на римската империја? Секако дека е Евреин и поданик на империјата, но тој е првиот Христијанин, тој е апостолот на новата религија – христијанството и тоа е неговиот пар екселанс идентитет! Значи, неговиот идентитет е неговото дело. Распнат е на крстот зашто проповедал „ерес“. Еврејските свештеници, фарисеите се откажале од него. Римјаните го егзекутирале. Христијаните ќе го слават и воспеваат додека постојат!
Гоце Делчев е роден во Кукуш, 1872 г. во Македонија, тогаш дел од Османлиската империја, во времето кога штотуку била создадена Бугарската егзархија (1870). Дотогаш населението во Кукуш одело во грчка црква, но кукушани биле унијати, зашто се побуниле дека ќе му се приклонат на Папата и на Римската црква, доколку Цариград не обезбеди литургии на црковно-словенски јазик во црквите на Грчката патријаршија. Гоце се школувал во Кукуш, потоа во бугарската гимназија во Солун, во военото училиште во Софија, бил учител во Ново село штипско, каде што, секако, предавал на официјалниот јазик на Егзархијата (бугарски)… Македонскиот народ под турско ропство од страна на султанот, во културна, духовна и образовна смисла оттогаш и бил доделен на Бугарската егзархија и Турците во пописните дефтери го запишале како „булгармиљет“, односно како бугарски народ. Егзархијата на територијата на Македонија воспоставила образовна и културно-пропагандна дејност. Македонците ја прифатиле Бугарската егзархија зашто јазикот на кој се проповедало во нејзините цркви им бил близок, за разлика од туѓиот грчки, но бугарскиот идентитет на македонското население бил повеќе религиски отколку етнички, зашто висока етно-национална свест можела да се развива единствено кај учените кои биле малку по број, неколку илјади.
ПИСМАТА НА ГОЦЕ КАКО „ИДЕНТИТЕТСКИ ДОКАЗ“
Бугарските историчари денес велат – дозволете му на Гоце Делчев самиот да се определи дали бил Бугарин или Македонец, цитирајќи најчесто едно од неговите писма до Никола Малешевски, во кое Гоце, меѓу другото, пишува:
„Отцепувањата и расцепкувањата никако не треба да нè плашат. Жално е, но што да правиме кога сме си бугари и сите страдаме од една иста болест! Ако таа болест ја немаше кај нашите прадедовци, од кои што ни е наследство, тие немаше да потпаднат под грозниот жезол на турските султани. Наш долг е, се разбира, да не се поддаваме на таа болест, но колку можеме да влијаеме на другитe?
Сепак, имаме нешто и од грчките болести – ,колку глави – толку капетани’… Пустата! Секој сака да блесне, па не го знае фалшот на тој блесок. Тешко им на тие што страдаат под овие ,комедии’.“
Има разни толкувања во кој контекст Гоце ги кажал зборовите „…но што да правиме кога сме си бугари“ – иронично, метафорично итн., но и да е најискрено, прашањето е како поинаку можел Гоце да се определува, ако веќе растел, бил воспитуван и се школувал во такво опкружување и во таков дух? Впрочем, Македонија ниту била држава, ниту пак Турците ја спомнувале во своите географски карти – терминот Македонија не се спомнувал официјално во Османлиското царство – кукушкиот крај, на пример, бил дел од Солунскиот вилает, додека целата територија Турците порано ја нарекувале Румелија – а луѓето што ја населувале „роммиљет“ (од Ромеи, припадници на царството Византија).
Но, кога Гоце во друго писмо до Никола Малешевски вели „Дали има народ, кој толку многу трпел од своите синови изроди, колку македонскиот?“ или, пак, во писмо до Ефрем Каранов, во кое жестоко се спротивставува на врховистичкото мешање во внатрешните работи на организацијата во Македонија, вели „…Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, којшто го направил македонецот доста дебел во свеста за човечка правина…“, тогаш, секако, бугарската историографија определбите.
