Писателите, книжевниците и сите што живеат од пишаниот збор денешниот ден го слават како свој празник — посветен на преподобниот Исидор Пелусиот.
Тој бил еден од најучените луѓе во своето време, роден во Египет, во богато александриско семејство. Сепак, се откажал од материјалното богатство за да го посвети животот на духовните вредности и љубовта кон Христос.
Набргу станал познат како голем бранител и толкувач на православната вера. Според преданијата, кај него доаѓале многумина за да им го толкува Светото писмо. Зад себе оставил повеќе од десет илјади писма во кои едни укорувал, други советувал, трети тешел, а четврти поучувал.
Негова позната поука е:
„Ако некој сака неговите доблести да изгледаат големи — нека ги смета за мали, и тие навистина ќе станат големи.“
Починал во длабока старост, околу 436 година.
Се смета за заштитник на писателите, книжевниците и на сите што творат со зборови. Според народното верување, неговите пораки можат да помогнат не само во работата, туку и во духовниот развој.
Во некои краишта постои обичај сите што се занимаваат со пишување денес да земат хартија и пенкало и да напишат неколку редови. Се верува дека така мислите се расчистуваат, инспирацијата се засилува и се отвора пат кон поголема плодност во работата и творењето.
