Восхитувачкиот потег на органодарителство на семејството на младата Верица Белчовска, која го загуби животот во сообраќајна незгода. Таа ги продолжи животите на 28-годишниот Блаже Сапунџиев од Кавадарци и на уште еден 40-годишен пациент, кои ги добија бубрезите на Верица, како и на 22-годишното момче Иле Стрезовски од тетовското село Брвеница во чии гради сега чука срцето на младата девојка од село Русиново, Беровско.

Трансплантацијата на органите на Верица е направена на 17 април на Клиниката за кардиологија и на Клиниката за урологија. Заздравувањето кај сите тројца приматели оди подобро од очекувања.

Блаже сега закрепнува по оперативниот зафат и во разговор за весникот ВЕЧЕР рече дека одлично се чувствува и донираниот бубрег е прифатен од неговото тело.

– Одлично сум сега засега. Немаше поголеми компликации, на почеток имаше малку крвавење, што е нормално по операцијата, но се стабилизира и по пет-шест дена од операцијата бубрегот проработи – ни рече Блаже.

Тој денеска излезе од болница и замина на домашно опоравување во своето Кавадарци.