Челниците на саудискиот фудбалски клуб Ал Наср беа навистина подготвени на секаква отстапка за да го намамат Кристијано Роналдо да премине во нивните редови.




Еден од најдобрите фудбалери во историјата предизвика вистинска сензација со првата фотографија од Ријад , а покрај ненормалната плата што ќе ја заработи (речиси половина милијарда за две и пол години), доби и вила од соништата, каде ќе живее со својата партнерка Георгина Родригез и децата.




Фотографии од оваа луксузна зграда се појавија на саудиската веб-страница за недвижности „propertyfinder.sa“. Вилата се наоѓа во Ријад, има осум соби, голем олимписки базен, палми, фонтана… и вреди 14 милиони евра, пишува британски „Дејли мејл“.




Заедно со главната зграда, на огромниот имот има уште три помали вили, каде Кристијано ќе прима гости, пријатели и семејството.




Роналдо побарал неговите деца да одат во меѓународно приватно училиште во Ријад, заедно со децата на други странци кои се на привремена работа во Саудиска Арабија, поради што избрал да живее во луксузната населба Ал Махамадија, каде што се наоѓа училиштето.




Нереална плата
Преселбата на Кристијано Роналдо во Ал Наср е официјална, а парите што Португалецот ќе ги заработи во Саудиска Арабија се неверојатни.




Роналдо потпиша двегодишен, историски договор според кој ќе добива 90.000.000 долари по сезона. Сепак, тоа е далеку од вкупната заработка.




Според информациите кои се појавија во медиумите, еден од најдобрите играчи на сите времиња чека вистинско богатство засновано на комерцијални права, како продажба на дресови и слично.

Затоа се очекува Кристијано да заработува вкупно нереални 200.000.000 долари годишно. Ако таа сума ја поделиме на месечни примања, тогаш е 16.600.000. Дневно ќе добива по 548.000 долари, а секој час по 22.833 долари. За минута Роналдо ќе заработи 380, додека секоја секунда го чекаат по 6,34 долари.

Нема сомнение која е главната причина за одлуката на 37-годишниот напаѓач да се пресели на Блискиот Исток. Кога ќе го погледне салдото на неговата сметка, сигурно многу полесно ќе се соочи со сите повици кои му беа упатени претходните денови.
