Најголемиот предизвик за војските на Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху допрва следува.

Трупите на Доналд Трамп, заедно со израелските војници во Иран, убија 48 високопозиционирани членови на режимот, потопија најмалку девет воени бродови и уништија половина од сите ракетни лансери. Трамп порача дека сака да ја продолжи војната „сè додека не бидат исполнети сите цели“. Меѓу тие цели се уништување на ракетните и нуклеарните постројки, но и соборување на режимот на мулите во Иран.

Американците и Израелците, и покрај одредени болни одмазди од Иран, имаат јасна воена надмоќ. Сепак, прашањето е – колку долго? Најголемиот предизвик за војските на Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху допрва претстои.

Откако елиминираа бројни лидери, предводени од ајатолахот Хамнеи, и ѝ нанесоа сериозна штета на иранската војска, тие се соочуваат со две армии: редовната војска со околу 600.000 војници и озлогласената Револуционерна гарда (IRGC), која брои околу 200.000 припадници.

Опасната Револуционерна гарда на Иран

Револуционерната гарда на Иран е особено опасна бидејќи претставува идеолошки цврсто организирана структура на моќ и безбедност. Таа ги контролира нуклеарните постројки, ракетите, дроновите, специјалните единици, како и голем дел од иранската економија. Во странство поддржува и координира групи како Хезболах и Хамас. Нејзините припадници се врвно опремени и обучени и за внатрешна репресија и за асиметрично војување.

Оваа формација е основана по Исламската револуција во 1979 година како паралелна воена сила, со цел да ја штити револуцијата и да го обезбеди влијанието на верскиот систем. По убиството на врховниот водач Али Хамнеи, IRGC ќе направи сè за власта да остане во рацете на преживеаните мули.

Како Трамп може да го скрши „тврдото оревче“?

Ова се трите можни сценарија за продолжување на војната од страна на Американците и Израелците.

1. Воздушна војна

Ова е најизгледната опција, бидејќи САД и Израел имаат воздушна надмоќ благодарение на носачите на авиони во Персискиот Залив, стратешките бомбардери со долг дострел и „стелт“ капацитетите. Можно е нови напади врз ракетните позиции, противвоздушната одбрана, бродовите и командните центри на IRGC. Паралелно, сајбер-напади би можеле да ги парализираат комуникациите и инфраструктурата.

Но, дали тоа е доволно за да се скрши Револуционерната гарда? Марсел Берни, експерт за стратегија од Воената академија при ETH во Цирих, вели:

– Изгледите за успех се краткорочно големи, но политички и стратешки многу неизвесни.

Само воздушна војна ретко довела до промена на режим.

2. Ограничени специјални операции

Според Берни, веројатноста за ова сценарио е мала до средна.

– Можно е да се спроведат таргетирани операции против клучни личности или нуклеарна инфраструктура – наведува тој. Елиминацијата на поединечни команданти би можела краткорочно да ја ослаби IRGC, но истовремено би можела да предизвика бран мобилизација како одговор.

3. Копнена интервенција

Според воената сила, Американците и Израелците се надмоќни во однос на гардата. Сепак, на Иран му оди во прилог огромната територија.

– Голема инвазија на земја со такви размери и топографија би била воено исклучително тешка и политички тешко оправдана – вели Берни.

На пространствата на Иран би можела да се развие долготрајна и крвава операција, слична на она што се случи во Ирак или Авганистан. Берни смета дека веројатноста за копнена интервенција е многу мала: „Ниту Трамп, ниту Нетанјаху не се стремат кон тоа.“

Се заканува опасност од фијаско

Извесно е дека добро обучената и опремена Револуционерна гарда ќе пружи силен отпор. По почетните успеси – елиминација на лидери и уништување на оружје – операцијата за Американците и Израелците би можела да се претвори во сериозен неуспех.

– Иран не е Венецуела. Оваа операција е посложена и поопасна – заклучува Берни.