Планинарите Лазо Миновски и Ирина Дишовска ќе се обидат да го освојат хималајскиот врв Ама-Даблам висок 6.812 мнв.

„Моментално се наоѓаме во непалското село Tengboche во еден многу познат манастир на надморска височина од 3.867 метри и наредна дестинација ни е базниот камп на Ама-Даблам.

На 3-ти октомври започнавме со нашата експедиција за искачување на хималајскиот врв Ама Даблам, која ќе трае околу 30 дена.

Првите 7 дена се движиме по планинските села сè до базниот камп на Ама-Даблам. Во овие седум дена минуваме низ неколку села од кое најпознатото е Namche Bazaar, од каде поминуваат повеќето експедиции, вклучувајќи ги и оние за Монт Еверест.

Во моментот се наоѓаме во селото Tengboche, на 3.867 мнв, а за два дена треба да стигнеме до базниот камп Ама-Даблам и безбедно да се вратиме назад.

Седум дена пешачиме до базниот камп. Станува збор за обична планинарска патека, по која движењето е навистина лесно.

Секој ден се искачуваме по неколку стотини метри до максимум 1.000 метри висинска разлика и остануваме на ноќевање во лоџовите, иако е многу студено. Таму има топла храна приготвена специјално за нас.

Седмиот ден, односно сега во недела (10.10) очекуваме од нашата последна станица на преспивање Pangboche да пристигнеме до базниот камп на Ама-Даблам. Откако ќе се наполниме со енергија започнуваме со вистинска ротација по висинските кампови.

Од базен камп до камп 1 и назад. Потоа до камп 2 ноќевање и назад. Последна ротација е до камп 3, ноќевање и назад. И од тука, откако ќе се чувствуваме максимално аклиматизирани ќе чекаме временски прозорец од барем два дена по ред убаво време, без ветер, и во тие денови ќе се обидеме да направиме summit push.

Очекуваме од базниот камп за 15 дена максимум да имаме обид за наше, се надевам, успешно искачување и симнување од врвот.

Откако ќе се симнеме, повторно нè чека истиот пат за назад до малото непалско гратче Lukla, односно 7-дневно пешачење.

Посакајте ни среќа за убаво време и лесни нозе, останатото останува на нас. Ви благодариме.“

Ви пренесуваме ФБ статус од Ирина Дишовска:

Дечки, денес ноќеваме во Пангбоче, и утре сме веќе во базниот камп на Ама Даблам… Еве неколку фотки и видеа да бидете во тек со настаните во Непал

Од утре па следните 20 дена, можеби нема да имаме интернет.

Можеби ќе биде многу ладно за да можеме да пишуваме и одговараме на пораки. Може да се исклучат телефоните или да немаме мрежа… Сакам да кажам, НЕ ОЧЕКУВАЈТЕ секојдневен апдејт на настаните!!!

Ќе се обидеме максимално да ве известуваме што ќе се случува од базниот камп нагоре.
На нас ни треба само позитивна енергија и верба во нас!