Почитувани читатели споделуваме ФБ статус од Звонко за борбата со Вирусот.

Поради моменталното актуелизирање на цените за лекување на Ковид 19 во приватните болници, решив да го споделам моето искуство со нив и со нивниот метод на наплата.
Како завршив во приватна болница?

Одамна ми е јасно дека здравството ни е труло и дека парите што ги плаќаме за здравствено осигурување се фрлени во ветар, но сепак,бидејќи не сум чорбаџија, се обидов да го лекувам Ковидот како и повеќето други во јавното здравство. Кога ситуацијата со моето здравје стана сериозна,а нашето здравство и понатаму остана несериозно, решив дека ѓаволот ја однел шегата и дека не вреди да се чуваат парите наменети за реновирање на бараката во која живееме со сопругата.Попусто реновирана барака, ако нема кој да живее во неа. Билатерална пневмонија, осумкратно зголемени д-димери, преполовени тромбоцити, 5000 евра депозит и креветот е мој.

Но злото не доаѓа само. После една недела во болницата се хоспитализирани и мојата сопруга и моите родители. Сопругата и мајката со пневмонии и намалена сатурација, а таткото, иако немаше тогаш видлива пневмонија, од изнемоштеност од болеста комбинирана со возраста не беше повеќе самостален.

Сето ова се случува за време на ноемврискиот пик, кога луѓе се тепаа за кревет макар и во ходник на јавна здравствена установа.

Што се случуваше таму ќе се воздржам да коментирам поради мојата медицинска некомпетентност, а и поради тоа што не ми е тоа поентата на писаниево.

Поминува уште една недела и не отпуштаат мене, сопругата и мајка ми. 500€ – кревет од ден, 200€ – 8 апчиња фавира дневно, 300€ – други лекарства и услуги, минус 5% попуст, потпис дека иако се уште позитивни и свесни за ризикот сами бараме отпуст, сума-сумарум 22.000€. Тука не се влезени трошоците за татко ми.За него треба да платиме при неговото отпуштање од болница. Плаќам без збор. Срцето ми се кине, но морам да го оставам.

Неговата состојба не е за отпуст. Дури тогаш почнува мојата голгота. Бидејќи со платената сума финансиски се исцрпив, наредните денови ми се претвараат во грозничаво барање пари, за да можам да му го продолжам престојот на татко ми во болницата, а со тоа и да му го продолжам животот.Притоа, бидејќи се уште позитивен, сум со оневозможено движење.Секој ден се јавувам во болницата, но состојбата почна нагло да му се влошува и отпуст не беше можен. Се јавувам и во сметководството за да ме известат колку е моменталниот долг за татко ми. Болничкиот таксиметар чука близу 1000€ дневно. Лоши вести ме бомбардираат секој ден.

  • Крв во столица
  • Високо ЦРП
  • ниска сатурација

Позајмувам 10.000€. Му купувам уште некој ден нега.

Моите родители, со крстот и петокраката на чело, не ни сонувале дека треба да штедат пари за да на старост си дозволат достоинствена здравствена услуга и финансиски можат многу малку да придонесат. Таксиметарот чука,ситуацијата е неодржлива. Барам кревет да го префрлам во јавното здравство. Со триста врски и ургенции по неколку дена наоѓам место на Инфективна клиника. Но се работи за минути. За тој кревет се заинтересирани уште еден куп пациенти. Мора што побргу да се префрли стариот за да не го фати креветот некој друг. Се јавувам во приватната болница за да организираат транспорт. Но прво треба да се плати. И тука доаѓам до поентата на приказнава:

  • Добар ден, да платам за татко ми.
  • Добар ден,12.000 евра
  • Во моментов имам само 10.000. Бидејќи се уште сум позитивен, не можам да одам до банка да подигнам пари. За останатите 2000 ќе ме причеката некој ден.
  • Хммм…дајте ги тие 10.000…
  • Повелете…
  • Сега уште 2000
  • Но, госпоѓо јас мислев…
  • Уште 2000…
  • Но госпоѓо последнава недела ви платив 32.000 евра. Се работи за само уште 5% од вкупната сума.Редовни муштерии сме кај вас. Никогаш не сме останале должни. Ќе платам за некој ден.
    Само кисела насмевка и кревање раце од другата страна.
  • Не можам да ви помогнам. Уште 2000
  • Но се работи за минути. Мора да одиме да го фатиме креветот на Инфективна
  • Жалам…но не можам да ви помогнам

 

 

Видов, не видов, му се јавив на пријател кој ми донесе уште 2000 во болницата. Возев до Инфективна да го пречекам татко ми. Го донесоа полусвесен, разголен, црн на подлактиците и модар на вратот. Влегов да го пријавам. Офкаше дури го преместуваа од носилките.

Душата толку ми закораве последната недела што бев резигниран и неговите офкање не ме допираа премногу.
Следното утро непознат број ме бара уште во 7 часот.

  • Вие сте син на Крсте?
  • Да.
  • Примете сочувсво…