Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека никој нема право да ги одземе веќе исплатените зголемувања на пензиите, коментирајќи го протестот на пензионерите пред Уставниот суд. Тој посочи дека последното линеарно зголемување е планирано за мартовската пензија во 2026 година и праша како тоа зголемување би било неуставно, доколку сите претходни исплати се сметаат за уставни.
Мицкоски ги посочи трите можни одлуки на Уставниот суд:
-
Да ги прогласи сите линеарни зголемувања за неуставни, што би значело намалување од околу 3.000 до 4.000 денари за 75% од пензионерите од 1 јануари.
-
Да го поништи само следното зголемување, а претходните да ги остави во сила – што, според премиерот и правниците со кои се консултирал, би било нелогично.
-
Да ги потврди сите зголемувања како уставни.
Тој додаде дека нема да коментира дополнително за да избегне интерпретации дека врши притисок врз судиите или обвинителите.
