Михајло Јованов, синот на сопственикот на дискотеката „Пулс“ Дејан Јованов – Деко, во воведното излагање изрази сочувство кон семејствата на загинатите во пожарот. Неговата адвокатка наведе дека тој немал никаква улога во управувањето со дискотеката или со фирмите кои биле поврзани со нејзиното работење.
Одбраната информираше дека Јованов претрпел изгореници од трет степен, а здравствената и психолошката состојба му се влошила по поднесувањето на обвинението. Во настанот загинале неговата долгогодишна партнерка и негов пријател.
Адвокатката Ивана Коцевска прецизираше дека тој имал сопствена фирма за дистрибуција и студирал, без да има оперативна или управувачка функција во „Пулс“.
Одбраната на неговиот татко Дејан Јованов претходно наведе дека причините за пожарот ги лоцира кај групата ДНК и кај институциите кои не идентификувале неправилности во работењето на клубот.
Во досегашниот тек на постапката, ниту еден од обвинетите не изјавил дека чувствува вина за трагедијата во Кочани.
