Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи порача дека Техеран ќе ги прекине воените активности доколку престанат нападите врз Иран.

По објавата за двонеделно примирје со Соединетите Американски Држави, Иран се огласи преку повеќе официјални канали со пораки што комбинираат подготвеност за преговори, но и остри предупредувања и тврдења за сопствена победа. Овие изјави значително се разликуваат од тврдењата на Трамп, кој потенцира победа на САД во конфликтот.

Техеран: Прекин на нападите како услов за прекин на операциите

Министерот за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека Иран ќе ги запре воените активности доколку престанат нападите.

„Ако нападите врз Иран бидат запрени, нашите моќни вооружени сили ќе ги прекинат одбранбените операции“, напиша Арагчи на мрежата X.

Тој додаде дека иранската војска за време на примирјето ќе координира безбеден премин низ Ормускиот теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта.

Арагчи потврди и дека Иран го разгледува американскиот предлог во 15 точки, но нагласи дека Вашингтон го прифатил „општиот рамковен план“ на Иран во 10 точки како основа за понатамошни преговори.

Совет за национална безбедност: „Остварени се речиси сите цели“

Многу поостар тон доаѓа од Врховниот совет за национална безбедност на Иран, највисокото тело задолжено за безбедносни прашања.

Во соопштение пренесено од државните медиуми, примирјето е потврдено, но истовремено е претставено како резултат на успехот на Иран на терен.

„На големиот народ на Иран му ја соопштуваме радосната вест дека речиси сите цели од војната се остварени, а вашите храбри синови го доведоа непријателот во состојба на историска немоќ и траен пораз“, се наведува во соопштението.

Условите на Техеран: санкции, повлекување на САД и нуклеарната програма

Во истото соопштение се наведени и клучните елементи од иранскиот план во 10 точки, кој ќе биде основа за преговори со САД во Исламабад.

Меѓу барањата се:

  • регулирање на преминот низ Ормускиот теснец
  • целосен прекин на нападите врз Иран и неговите сојузници
  • повлекување на американските сили од Блискиот Исток
  • исплата на компензација на Иран
  • укинување на меѓународните санкции
  • одмрзнување на иранскиот имот

Се споменува и донесување обврзувачка резолуција на Обединетите нации која би гарантирала спроведување на конечен мировен договор.

Иранските власти истакнуваат и дека Вашингтон начелно го прифатил правото на Иран на збогатување ураниум, што е едно од најчувствителните прашања меѓу двете земји.

„Рака на чкрапалото“

И покрај најавите за преговори, Техеран испраќа и јасни предупредувања.

„Нашите раце и понатаму се на чкрапалото и секоја најмала грешка на непријателот ќе биде пречекана со полна сила“, порача Врховниот совет за национална безбедност.

Пораките од Иран укажуваат на двојна стратегија – подготвеност за дипломатско решение, но и инсистирање дека примирјето е резултат на нивната сила, со задржување на висок степен на воена подготвеност.