Состојбата се јавува кога ’рскавицата се истрошува на краевите од коските што го формираат зглобот во основата на палецот.

Артритисот на палецот (ризартроза) е чест проблем што доаѓа со стареењето.

Состојбата настанува кога ’рскавицата се троши на краевите од коските што го формираат зглобот во основата на палецот. ’Рскавицата е цврсто ткиво што ги поврзува и штити зглобовите и коските. Овој зглоб во основата на палецот се нарекува и карпометакарпален зглоб.

Артритисот на палецот може да предизвика болка и оток. Може да го ослаби палецот и да го попречи неговото правилно движење. Поради тоа, може да биде тешко да се извршуваат едноставни задачи, како вртење кваки на врата или отворање тегли.

Лекувањето најчесто вклучува лекови и ортози (удлаги). Понекогаш е потребна и хируршка интервенција.

Симптоми на артритис на палецот

Болката е првиот и најчест симптом. Таа може да се јави во основата на палецот кога фаќате или штипете предмет.

Други симптоми може да вклучуваат:

  • Оток, вкочанетост и чувствителност во основата на палецот

  • Намалена сила при штипење или фаќање предмети

  • Намален опсег на движење на палецот

  • Зглобот во основата на палецот станува поголем или коскест

Кога да посетите лекар?

Обратете се кај вашиот лекар ако имате оток, вкочанетост или болка во коренот на палецот што не поминува.

Како се поставува дијагнозата?

Лекарот најпрво ќе направи физички преглед на палецот со нежно притискање на зглобот за да ја провери неговата подвижност, а потоа ќе се направи рендгенска снимка за да се добие појасна слика. Снимката може да покаже во која фаза се наоѓа артритисот.

Причини

Артритисот на палецот е чест придружник на стареењето. Повреда на зглобот на палецот, исто така, може да предизвика појава на оваа состојба.

Цврстото ткиво што ги поврзува и штити зглобовите и коските се нарекува ’рскавица. Таа делува како перниче и им овозможува на коските мазно да се движат една покрај друга.

Кај артритисот на палецот, ’рскавицата што ги покрива врвовите на коските се троши, а нејзината мазна површина станува груба. Потоа коските се тријат една од друга, што доведува до оштетување на зглобот.

Оштетувањето може да доведе до создавање нова коска долж рабовите на постојната коска, што се нарекува коскени израстоци. Тие можат да предизвикаат појава на грутки на зглобот на палецот.

Артритисот на палецот најчесто е форма на остеоартритис, кој е резултат на постепено абење и „трошење“ на зглобот.

Фактори на ризик

Фактори што можат да го зголемат ризикот од појава на артритис на палецот се:

  • женски пол

  • возраст над 40 години

  • одредени семејни состојби, како лабави лигаменти или неправилно формирани зглобови

  • повреди на зглобот на палецот, како скршеници или истегнувања

  • состојби како ревматоиден артритис, кои го менуваат начинот на формирање и функционирање на ’рскавицата

  • извршување активности и работи што создаваат голем притисок врз зглобовите на палецот.