Ме израдува веста дека државата извршила реновирање на “Заливот на коските”, музеј во форма на неолитска наколна населба во Охрид, позната и како музеј на вода. Реновирањето чинело околу 250 илјади евра, што за една таква атракција на отворен простор не е воопшто значителен износ. Идејата за проектот беше на Паско Кузман, после направени одредени археолошки истражувања на местото и тој во тоа време беше одговорен за изградбата.
Музејот беше оставен на забот на времето
со години без никакво одржување.
Ако во изминатите години се издвојуваа мали средства на неколку години во одржување на овој објект, вкупниот износот ќе беше многу помал од овој.
За жал, СДСМ не вршеше одржување на ниту еден проект изграден во времето кога раководев со владата, со цел да покаже лажна слика пред граѓаните дека објектите кои сме ги изградиле се неквалитетни и дека се распаѓаат.
Со лажна пропаганда успееја да наметнат верување кај голем дел од граѓаните дека објектите кои ги градеше Република Македонија во времето кога раководев со владата биле од стиропор, иако вистината е дека само украсно-декоративните елементи на дел од фасадите на објектите (орнаментиката) се од стиропор, тренд кој секаде низ Европа и светот се применува во 21 век. Целата градба на сите објекти е бетон и цигла, како што е нормално во ова време. Но сто пати повторена лага, кај некои луѓе станува вистина, пропагандата даде тезултат.
Секој објект ако нема редовно одржување по одреден број години ќе манифестира проблеми.
Овој пример со одржување и реновирање треба да се примени и на другите објекти каде што е потребно, изградни пред доаѓањето на власт на СДСМ на Заев (во нивно време ништо не се изгради), бидејќи тој кон државните објекти изградени во периодот на неговите политички опоненти се однесуваше како да не се државен имот, бидејќи самиот тој и неговиот тим не беа способни, ниту заинтересирани ни 5% од тоа да изградат. Речиси се што не беше довршено го прекинаа, а се што беше довршено не го одржуваа.
Исто така, покрај одржувањето на изградените објекти, како музеи, театри, објекти на државната администарција, жичарници, патишта, мостови, фонтани, железници, енергетски проекти, водоводи итн, потребно е и редовно одржување на спомениците и спомен обележјата како чувари на нашата историја и идентитет и како објекти атрактивни за туристите, на ист начин како што се прави во целиот свет. Оставањето на забот на времето на било кој објект, па и на спомениците, може да биде безбедносен проблем во иднина.
Сето тоа е државен имот, и независно во кој период се направени тие инвестиции, секоја власт законски е должна да се грижи за одржување на државниот имот.