Норвешките научници денес потврдија дека во три случаи на згрутчување на крвта, постоела причинско-последична врска кај тројца медицински работници кои биле вакцинирани со вакцината АстраЗенека. Двајца вакцинирани починале по вакцинирањето, а за едната била воспоставена каузална врска.

Добивме наоди што можат да ја објаснат клиничката слика на нашите пациенти, рече главниот лекар и професор Пол Андре Холм од Рикшоспиталет, на вонредната прес-конференција. Веруваме дека ова е важно да се презентира, најдовме разумен модел на објаснување, рече Холм. Научниците немаат одговор зошто токму тие тројца здравствени работници добија згрутчување на крвта, а другите луѓе не. Имаме теории, но не знаеме зошто некои ја добиваат, а други не, рече Холм.

Во меѓувреме, Комитетот за проценка на ризикот на Европската агенција за лекови заклучи дека АстраЗанека е безбедна и ефикасна и дека придобивките ги надминуваат ризиците, рече извршниот директор на ЕМА, Емер Кук.

Комитетот за проценка на ризикот од фармаковилантност (PRAC) јасно заклучи дека АстраЗанека е безбедна и ефикасна, рече Кук на прес-конференција.

Придобивките од оваа вакцина ги надминуваат ризиците, забележа Кук. Но, Кук сепак истакна дека ЕМА не може да го исклучи постоењето на врска помеѓу вакцините и згрутчувањето на крвта. Затоа, на националните власти им се препорачува да ја подигнат свеста за можните несакани ефекти и внимателно да ги следат.

Се поставува прашањето како, или со кој механизам, вакцините можат да предизвикаат нарушувања на коагулацијата на крвта.

АстраЗанека на својата официјална веб-страница тврди, дека внимателната анализа на сите достапни безбедносни податоци, од повеќе од 17 милиони луѓе вакцинирани во Европската унија (ЕУ) и Велика Британија, против ковид-19 со вакцините АстраЗанека, не презентирала докази за зголемен ризик од белодробна емболија, длабока венска тромбоза или тромбоцитопенија, во која било дефинирана возрасна група, пол, серија или во која било посебна земја.

Досега се пријавени 15 случаи со ДВТ и 22 случаи со белодробна емболија низ цела ЕУ и Велика Британија меѓу оние кои ја примиле вакцината, врз основа на бројот на случаи што компанијата ги прими од 8-ми март. Ова е многу пониско отколку што се очекуваше и е слично со другите лиценцирани вакцини против ковид-19. Месечниот извештај за безбедноста ќе биде објавен на веб-страницата на Европската агенција за лекови следната недела, во согласност со исклучителните мерки за транспарентност за ковид-19, посочува АстраЗанека.

Имунолошка тромбоцитопенија (ИТП) исто така може да биде предизвикана од вируси, лекови и вакцини.

Овој факт го потсети д-р Хамид Мерчант од Универзитетот Хадерсфилд во Велика Британија во писмо до уредникот објавено во Британскиот медицински журнал .

Тој забележува дека бројни случаи на ИТП се пријавени кај пациенти со ковид-19 и дека коагулопатијата е главен фактор што придонесува за високата смртност поврзана со оваа болест.

Тој наведува дека се пријавени повеќе од 150 пријави за тромбоцитопенија по вакцинирањето против ковид-19 во базите на податоци за фармаковигиланца во ВАЕРС и МХРА и дека е потврден најмалку еден смртен случај во САД, кој сè уште е под истрага.

Според Националната организација за ретки нарушувања, преваленцата на тромбоцитопенија кај возрасни е 9,5 случаи на 100 000 луѓе годишно, а кај деца 5,3 на 100 000 лица. Ова не значи појава на тромбоцитопенија како резултат на малигна болест и лекови за тоа, или тромбоцитопенија што се јавува во некои други тешки состојби на болест, туку тромбоцитопенија без причина што би била очигледна на прв поглед.

Според авторите, веројатно е дека генетските вакцини против ковид-19 може да играат улога во стимулирање на автоимун одговор на тромбоцитите што може клинички да се манифестира во тромбоцитопенија, крварење и згрутчување на крвта. Сепак, Мерчант посочува дека се потребни значителни докази за да се потврди оваа хипотеза.

Вакцините се едно од најголемите откритија во медицината што драматично го подобри очекуваниот животен век. Сепак, генетските вакцини се нови, а нивната долгорочна проценка на безбедноста е клучна за идентификување на потенцијално контраиндицирана група на субјекти, како што се пациенти со историја на нарушувања на крвта, минато или сегашна тромбоцитопенија или веќе постоечки имунолошки состојби.

Европската агенција за лекови (ЕМА) продолжува да ги истражува неодамнешните тромботични настани во Европа и ќе се радуваме на нивните наоди, заклучува Мерчант во своето писмо./Vocentar.com.