Продолжи судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“, а во судницата потресно сведочеше еден од преживеаните – Мартин Китанов.

Со тивок глас, но со тешки зборови, Китанов раскажа како во обидот да избега од огнената стихија паднал на подот, по што врз него почнале да паѓаат и други луѓе кои панично се обидувале да се спасат.

„Бевме пет другари на една маса. Само јас преживеав. Тројца ми беа другари од детство. До ден-денес не знам точно како ги загубив“, рече Китанов пред судот.

Тој додаде дека во тие кобни моменти единствено се обидувал да издржи и да најде здив, без да биде свесен што точно се случува околу него.

По трагедијата, Китанов на социјалните мрежи сподели емотивна порака во која напиша дека таа ноќ, која требало да биде една од најубавите, завршила како најстрашна – и тоа не по нивна вина.

„Засекогаш ќе бидете во моето срце“, напиша тој, простувајќи се од своите другари и од сите кои не успеале да се спасат од пожарот.

Сведоштвото на Мартин е уште едно потсетување на тежината на трагедијата што ја потресе јавноста и на болката што засекогаш ќе ја носат преживеаните.