Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во денешното обраќање во живо зборуваше за ефектите од системот Safe City, истакнувајќи дека резултатите се веќе видливи на терен. Според неговите податоци, бројот на дневни сообраќајни прекршоци драстично е намален – од околу 100.000 регистрирани прекршувања, бројката сега се сведува на приближно 500 казни на ден.
Тошковски нагласи дека ваквата промена не е само резултат на технологијата, туку и на зголемената свест кај граѓаните. Камерите и автоматските системи за детекција, според него, влијаеле превентивно, при што возачите значително повеќе ги почитуваат правилата во сообраќајот.
„Целта не е казнување, туку ред и безбедност. Благодарност до граѓаните што ја препознаа пораката и што придонесуваат за побезбедни улици,“ истакна тој во обраќањето.
Министерот додаде дека Safe City ќе продолжи да се надградува со нови функционалности, а анализите од досегашната примена покажуваат намалување на ризичното однесување во сообраќајот, особено кај брзото возење и минување на црвено светло.
