Има една категорија на луѓе, што ги има во сите бранши, а за жал и во Црквата, луѓе што кога треба да се каже или направи нешто, одредена акција или реакција за некоја ситуација или кон некоја појава, ги нема ама баш никаде. Ги нема да се појават, да зуцнат било што, а уште помалку да се заложат и да направат нешто, но потоа…

Вака сега, во ред е човек да нема мислење и став, да не избрзува со заклучоци, и да не се излетува со одредени постапки, па и на крајот на краиштата не се сите повикани за сѐ, НО симптоматично е како истите тие луѓе што откако сѐ ќе се заврши, се појавуваат и надмено кажуваат и критикуваат што и како требало или не требало да се каже и направи, и ПОВТОРНО не го адресираат самиот проблем, туку исклучиво луѓето што само според нивните моментални увид, знаење и можности (несовршено) се потрудиле да преземат нешто околу дадениот проблем.

Тоа е тоа, кукавичлукот и неверието понекогаш знаат да бидат така вешто замотани во лажно смирение, та мнозина од критичките мислители и дежурни стратези што ги знаеме и редовно ги читаме се луѓе кои никогаш ништо проактивно не направиле во животот, никогаш не преземале иницијатива, не ризикувале било што свое, и не им паднало на памет самите да влезат гради во гради во бој со одреден проблем. Тука се отпосле, само да ги дотепаат со мислења и критики луѓето што веќе дале пот и крв на бојното поле.

На крај, најтажно од сите нешта е вистинитоста на изреката која толку многу пати ја имаме засведочено, тоа дека христијанската војска е единствената војска која ги дотепува своите ранети борци…

Господи помилуј.

(на денов, пред година)