Еден мој колега, што навистина поминал низ „сито и решето“, вика: „Повеќе би сакал да се најдам во војната помеѓу бандите, отколку во војната помеѓу црквите“.




Во право е. Првиве се на чисто, се мразат и сакаат да го нема другиот, и тоа е тоа. Кога има војна, стварно е војна, кога има примирје, стварно е примирје, па после ако треба ќе гинат за нивниот довчерашен непријател. Сум го видел и искусил тоа.




Вториве, пак, никогаш нема да влезат во машка борба, никогаш нема да признаат дека го мразат другиот и дека би биле среќни ако утре просто го снема, па со тоа чувство на самоправедност, во име на љубовта и вистината, прават сплетки и местенки, подриваат и рушат, едноставно – мразат. Наводно има мир, а всушност е студена, односно прокси војна. Кукавичлук.




Подобро е гради во гради, онака машки да се бориме, отколку да гинат и страдаат невини во нашето „примирје“. Сум го кажал ова и претходно, порано кога бев без Христос, ќе се истепавме со некој, сè ќе си дадевме, утредента ќе излезевме на пиво и беше готово, станувавме пријатели, па и до ден денешен сме останале тоа.




За разлика од ова, како христијани ни одблиску нема толку да си згрешиме, ама прагот на „толеранција“ за болка наместо да ни е повисок, налик Христовиот, на најмалото нешто ние стануваме смртно навредени, и никако да поминеме преку тоа… а наводно светот ќе го помируваме со Бога и со ближниот.




Тешко нас, и тешко на светот ако ова е помирувањето што го носиме.
Туку, да се потсетиме, го следиме и го навестуваме Христа Распнатиот, Оној изнаранетиот, па ако Бог ни даде благодат одново да Го видиме таков – да се покаеме, зашто голема е службата на помирување што ни е доверена.

