Сезонскиот грип го достигнува пикот периодов. Од респираторни вируси, бактериски инфекции и грип не се поштедени ниту најмалите, децата.

За тоа како да се превенираат овие состојби кај децата, но и за болничкото лекување во болницата „Козле“ разговараме со специјалист педијатар докторка Елена Ѓиновска-Тасевска.

– Точно во моменот се наоѓаме во пикот на грипот. Во нашите амбуланти бројот на прегледи е достигнат до бројка која во периодот на викендите надминува и над 200 прегледани дечиња од кои голем дел од нив, некаде околу 80% се со симтоми на грип. Во однос на хоспиталиот дел, за цело време овој период сме со пополнет капацитет, што значи околу 75 деца се хоспитализирани во нашата Клиника, но само мал процент од нив поточно 9 деца се хоспитализирани поради компликации од грипот т.е со афекција на долните респираторни патишта и истите побаруваат болнички третман, вели докторката.

Како родителите да превенираат болести од овој тип кај децата?

– Превенцијата од сезонскиот грип е секако на прво место, тоа е она на кое апелираме овој период секоја година. Имено родителите не треба веднаш при првата покачена температура да бараат преглед од лекар. Треба најпрвин да се започне со симтоматска терапија во тек на 2 до 3 дена. Во тој период да се внесуваваат витамини, овошје и зеленчук колку што може повеќе. Редовен сон помага за побрзо опоравување кај децата, а доволна количина на течности, мирување и изолација спречуваат ширење на инфекцијата и спречување на компликациите. Доколку состојбата се влошува и доколку се јави кашлица, тешко дишење или главоболка да се јават секако најпрвин кај матичен лекар кој ја прави тријажата за тоа кои деца да се упатат во болница, појаснува докторката Ѓиновска-Тасевска.

Како што потсетува и докторката имунитетот е најважен во сезоната на респираторни болести.

Симтомите на грип секоја година се исти и важат истите препораки, потсетува таа и додава:

– Најважно секако е да се работи на јакнење на имунитетот, заштита на други лица од инфекција со изолација, зголемена хигиена и проветрување на просториите во кои се престојува, бидејќи вирусот на грипот се пренесува преку капков пат, имено 10000 партикули на вирус се пренесуваат само со едно искашлување, а за инфекција е доволно само 1000 партикули. И секако тука да напоменеме, родителите да не посегнуваат по секакви алтернативни методи на лекување кои се нудат на интернет,туку доколку имаат сериозен проблем да се обратат кај својот матичен лекар.

Ковид вирусот кој беше присутен изминатите сезони, го има и сезонава. Кога станува збор за симптомите грипот е потежок и покомплициран.

– Дали годинава има Ковид, да, но во многу помал процент од минатите години.Тоа се само неколку изолирани случаи кои годинава сме ги имале кај намалата популација. Грипот е секако потежок и покмплициран од Ковидот. Во однос на симтомите кај Ковидот најчесто покачена темепратура се јавува во тек на 2 до 3 дена, за разлика од тоа кај грипот температурата е многу висока до 40 степени целзиусови, трае и до 7 дена и е на пократки интервали, што најчесто и ги загрижува родителите и условно “ги приморува” да ги донесат во нашата Клиника, појаснува докторката Ѓиновска-Тасевска.

На крајот, проблемот со кој се соочуваат речиси сите скопјани во текот на зимската сезона – аерозагадувањето и неговото влијание на здравјето кај најмалите. Каде да се избега за здив чест воздух и дали во домовите треба да се има прочистувач на воздух?

– И како последно, но не и најмалку важно е дали аерозагадувањето влијае на респираторните болести кај децата. Одговорот е секако дека влијае и ги потенцира истите, но точно е и тоа дека не можеме децата „да ги затвориме” дома, така да кога состојбата дозволува и е почист воздухот се препорачуваат прошетки на отворено. Не е нужно но, е поволно доколку условите дозволуваат во домовите да се има прочистувач на воздух не само поради аерозагадувањето туку и поради останатите штетни загадувачи како што е на пример чадот од цигарите, советива нашата соговориничка. /Скопје Инфо