Иако платите во одредени сектори се многу високи, работодавачите сè потешко наоѓаат квалификувани кадри. Дури ни износите што далеку го надминуваат просекот не гарантираат дека ќе се пронајде вистинскиот кандидат.

Мануел Лу-Бер (35), основач и директор на фирмата за сајбер-безбедност Spixnet, го сподели своето искуство со недостатокот од квалитетни програмери.

„Бараме два до три добри програмери, по можност за работа од дома. Добро е ако имаат завршено студии по информатика, но тоа не е апсолутно неопходно,“ изјавил тој за австрискиот весник Heute.

Кандидати имало доволно, а и платата, според него, е повеќе од солидна: над 5.000 евра месечно. Сепак, некогаш ни тоа не е доволно.

„Студент кој штотуку дипломирал ми рече: ‘Нема да почнам за помалку од 70.000 евра годишно. Всушност сакам 105.000 евра’. Но, стартап не е голема корпорација која може тоа лесно да си го дозволи,“ објаснува Лу-Бер.

Најголемиот проблем, според него, е квалитетот на кандидатите.

„Деведесет проценти од нив користат само ChatGPT. Нам ни требаат програмери кои навистина знаат да програмираат. Порано програмерите решаваа задачи, пребаруваа низ библиотеки, адаптираа и унапредуваа код. Денес, речиси сите се потпираат единствено на ChatGPT, што резултира со слаб код.“

Затоа, компанијата бара кандидати кои се вешти во класични програмски јазици како Java и Python, кои знаат да работат со векторски бази на податоци и правилно да постават сервер. „За жал, тоа речиси никој повеќе не го знае,“ додава тој.

Лу-Бер вели дека работата во Spixnet е разновидна и интересна. Фирмата, на пример, развива специјализирани решенија за безбедност на електронска пошта.

„Неодамна добивме финансирање од еден милион евра за истражувачки проект во областа на енкрипцијата за заштита од квантна декрипција,“ заклучува директорот.