Австрија, чиешто стопанство од почетокот на војната во Украина е едно од најпогодените во Европската унија, во 2025 година се соочува со нови промени.

За многумина, Австрија сè уште важи за „ветена земја“ – поради близината, организираноста, квалитетот на живот, но и платите.

На социјалната мрежа TikTok неодамна се појави видео со стартни бруто плати за најбараните професии, кое предизвика бројни реакции.

Стартни плати (бруто) во Австрија:

  • Водоинсталатер: 2.200 – 2.600 €

  • Електричар: 1.900 – 2.200 €

  • Градежен работник: 1.900 – 2.600 €

  • Медицинска сестра: 2.200 – 2.600 €

  • Работничка во супермаркет: 2.600 – 2.800 €

  • Доктор по општа медицина: 3.100 – 4.100 €

  • IT стручњак (junior): 2.850 – 4.200 €

  • Био-хемичар: 3.000 – 3.300 €

  • Возач на камион: 2.200 – 2.300 €

  • Чистачка: 1.900 – 2.200 €

  • Магацински работник: 1.900 – 2.200 €

  • Келнер: околу 2.000 € плус бакшиш

Многумина беа изненадени од бројките. „Изгледа малку. Мислев дека во Австрија е подобро отколку во Германија. Катастрофа!“, напиша една корисничка.

Она што некои забораваат е дека станува збор за бруто плати, од кои се одбиваат даноци и придонеси, па нето-износот е значително понизок.

Високи трошоци, раст на сиромаштијата

Иако Австрија исплаќа 14 плати годишно, растечките трошоци за струја, гас и домување го притискаат семејниот буџет. Дури 1,5 милиони луѓе во оваа деветмилионска земја се „акутно погодени од сиромаштија“.

Австрискиот дневен весник Heute пишува дека 40% од граѓаните не можат да си дозволат поправка на машина за перење без кредит. Некои мора да избираат меѓу греење и храна.

Во 2025 година, просечното домаќинство ќе плаќа 1.003 евра повеќе поради зголемените трошоци за енергија и живот. На тоа се додаваат и поскапувања за вода, отпад, паркирање и храна.

Големи разлики меѓу мажи и жени

Извештај на Државниот ревизорски суд покажува дека во последната деценија бројот на вработени пораснал за 13%, но растот на неполн работен однос е далеку поголем (+24%).

Мажите заработуваат речиси двојно повеќе од жените. Разликата е најмала кај државните службеници, но сепак постои.

Жените најчесто работат во здравствени и социјални служби, додека најмал удел имаат во градежништво и енергетика.

Регионални разлики

Највисоки плати има во Градиште, а најниски во Виена. Просечната пензија изнесувала 25.820 евра годишно, но жените добивале во просек само 64% од пензијата на мажите.