За односот што го имала со својата ќерка често се зборувало, но на крајот од нејзиниот живот беше јасно дека биле во контакт и дека Дајана, и покрај сè, ја сакала својата мајка.

МАЈКАТА НА ПРИНЦЕЗАТА ДАЈАНА НЕМАШЕ СРЕЌЕН ЖИВОТ

Принцезата Дајана беше една од најсаканите жени што некогаш живееле во британското кралско семејство. За нејзиниот живот и денес речиси секојдневно се пишува, но малкумина се прашуваат која била нејзината мајка и во какво семејство растела Дајана.

Мајката на принцезата Дајана била Франсис Шанд Кид, жена која уште од детството била блиска со британското кралско семејство. Иако на многумина таквиот живот им изгледа како бајка, за неа високото општество значело постојан притисок, стрес и страдање.

Особено тежок бил притисокот што го чувствувала поради очекувањата да роди син – наследник.

Франсис Рут Рош е родена во Парк Хаус, на кралскиот имот Сандрингем, во 1936 година, истиот ден кога починал кралот Џорџ V. Нејзиниот татко, Морис Рош, бил 4. барон Фермој и близок пријател на кралот Џорџ VI, додека мајка ѝ била дама во придружба на кралицата Елизабета, подоцна позната како Кралицата Мајка.

Набргу по завршувањето на школувањето, на само 18 години, била свршена за Едвард Џон Спенсер, виконт Алторп, кој подоцна станал 8. ерл Спенсер. Тој тогаш имал 30 години. Венчавката се одржала во Вестминстерската опатија, а Франсис била една од најмладите невести што стапнале во брак таму.

Според пишувањата на Тина Браун, авторка на книгата „Документите од палатата“, Франсис уште рано сфатила дека нејзиниот сопруг, иако надворешно љубезен, бил насилен, склон кон алкохол и опседнат со идејата да добие машки наследник.

Нивната прва ќерка, лејди Сара Меккоркодејл, се родила во 1955 година, а две години подоцна и лејди Џејн Фелоуз. Во обидот да добие син, Џон, според наводите, ја принудил Франсис да помине низ дури шест бремености во период од девет години.

Родила и син по име Џон, но бебето починало само неколку часа по раѓањето. Франсис никогаш не смеела да го види своето дете, што длабоко ја трауматизирало. Подоцна дознала дека било родено со тешки малформации.

Една и пол година подоцна се родила Дајана, но нејзиното доаѓање на свет не било дочекано со радост, бидејќи повторно не бил син. Дури немале подготвено ниту женско име, па дури по една недела одлучиле да ја наречат Дајана.

Франсис, тогаш на само 23 години, била подложена на понижувачки медицински испитувања на Харли Стрит во Лондон, бидејќи се сметало дека „проблемот“ е кај неа.

Дури во 1964 година го родила синот Чарлс, денешниот 9. ерл Спенсер. Тој подоцна изјавил дека периодот пред неговото раѓање бил „ужасен“ и дека токму тој притисок веројатно довел до разводот на неговите родители.

Франсис го напуштила сопругот во 1967 година поради Питер Шанд Кид, богат производител на тапети. По разводот во 1969 година следела жестока судска битка за старателство, при што дури и нејзината мајка сведочела против неа. Судот му го доделил целосното старателство на таткото.

Подоцна се омажила за Шанд Кид и се повлекла на шкотскиот остров Сил, каде што водела мала продавница за сувенири и живеела далеку од јавноста. Но бракот на принцезата Дајана со принцот од Велс во 1981 година повторно ја ставил во фокусот на медиумите.

По вториот развод, Франсис тврдела дека била напуштена поради медиумскиот притисок и фактот што за јавноста секогаш била само „мајката на Дајана“.

Во 1994 година преминала во католицизам и се посветила на хуманитарна работа, аџилак во Лурд и помош на семејствата на жртвите од авионската несреќа во Локерби.

Смртта на принцезата Дајана во 1997 година длабоко ја погодила, особено затоа што никогаш целосно не се помириле по интервјуто што Франсис го дала непосредно пред трагедијата. Сепак, таа останала извршител на тестаментот на Дајана и имала важна улога во грижата за принцовите Вилијам и Хари.

Франсис Шанд Кид починала во јуни 2004 година, на 68-годишна возраст, на островот Сил. На нејзиниот скромен погреб во Обан присуствувале Вилијам и Хари – тивок доказ дека, и покрај сите рани и дистанца, врската меѓу мајката и ќерката опстојала до самиот крај.