Секоја реченица на патријархот Павле беше животна лекција.

Патријархот Павле цели 19 години беше поглавар на Српската православна црква. Тој беше човек кој ги избегнуваше луксузот, раскошот и привилегиите што можеше да ги има со оглед на својата функција.

Секаде одеше пеш, а таму каде што не можеше да стигне пеш, користеше јавен превоз. Ги сакаше луѓето, а и луѓето го сакаа него. Поради скромноста што се гледаше во секое негово дело, многумина го сметаа за „жив светец“.

Секоја негова реченица беше лекција. Ви пренесуваме дел од неговите најубави мисли, кои претставуваат вистинска мудрост:

„Човекот не може да го избере времето во кое ќе се роди и ќе живее. Од него не зависи ниту од кои родители, ниту од кој народ ќе потекнува, но од него зависи како ќе постапува во даденото време: дали како човек или како нечовек, без оглед на тоа од кој народ потекнува и од кои родители е роден.“

„Сè ќе помине, но душата, образот и она што е добро остануваат засекогаш.“

„Кога човекот ќе се роди, целиот свет се радува, а само тој плаче. Треба да се живее така што, кога ќе умре, целиот свет да плаче, а само тој да се радува.“

„Гледај да не се истакнуваш со своето знаење и образованост, туку со своето смирение.“

„Постојат седум степени до достигнувањето на блаженството. Смирението е првиот степен, тоа е темелот. Кај горделивиот човек е невозможно да се направи нешто добро. Тој смета дека Бог му е должник, а не обратно.“

„Кога и да можеш, молчи. Зашто за сè што ќе изговориш, должен си да дадеш оправдување. А тишината никому не му наштетила.“

„Единствено Бог ќе суди за сечие дело.“

Кога е тешко – истрај.

Кога ќе паднеш – стани.

Кога ќе погрешиш – врати се.

Кога ќе изгубиш – верувај.

А кога нема да знаеш каде понатаму – препушти му се на Бога.