Снег со силен интензитет паѓа во поголем дел од Србија, што создаде сериозни проблеми на патиштата — од одрони и сообраќајни незгоди, до паднати дрвја и заглавени возила. На планината Златибор е регистриран вистински сообраќаен колапс, бидејќи по продолжениот празничен викенд многу туристи тргнале да се враќаат дома.
Посетителите кои престојувале на планината за време на празниците сега заминуваат, бидејќи одморот завршува, а утрешниот ден е работен, што дополнително ги зголеми гужвите.
Силниот снег дополнително ја отежнува состојбата — колоната возила што ја напушта планината се протега со километри.
„Едвај го извлековме автомобилот“
Според изјави на туристи кои моментално се наоѓаат таму, ситуацијата е многу тешка.
„Целосно сме завеани, едвај го извлековме автомобилот. Страшно е. Возилата тешко излегуваат од Златибор, се создава огромна колона кон Ужице. Има речиси половина метар снег“, изјавила туристка за српските медиуми.
Снег паѓал цела ноќ
Друга посетителка успеала рано наутро да се спушти кон Чајетина пред најголемите метежи. Таа вели дека снегот паѓал без прекин во текот на ноќта и дека на терен има камиони за расчистување.
На патниот правец кон Ужице се создаваат големи колони, возилата се движат многу бавно, а видливоста е намалена поради магла и врнежи.
Долж патиштата околу планината има и излизгани и попречени шлепери, што дополнително го забавува сообраќајот
