Новак Ѓоковиќ се пласираше во полуфиналето на Австралија опен на шокантен начин, откако Лоренцо Музети му го предаде мечот при водство од 2:0 во сетови (6:4, 6:3, 1:3).

Мечот траеше два часа и заврши на начин на кој никој не се надеваше. Музети се повреди во третиот сет, се пожали на болки во ногата, а ниту медицинскиот тајм-аут не му помогна.

Италијанецот беше подобар од Ѓоковиќ на теренот, но не успеа да го доврши мечот, па Новак со многу среќа обезбеди пласман во полуфиналето, каде што ќе игра против Јаник Синер или Бен Шелтон.

Српскиот тенисер подобро го отвори мечот и поведе со 2:0, но Музети веднаш возврати со брејк, а потоа направи уште еден и двата ги потврди за водство од 4:2.

Лоренцо имаше уште три брејк-топки во седмиот гем, Ѓоковиќ успеа да се извлече од непријатната ситуација, но не и да направи пресврт, па Италијанецот дојде до предност во сетови.

На почетокот од вториот сет видовме три последователни брејка, од кои Музети направи два. Новак имаше шанса да се врати при резултат 3:2, но не успеа, а во деветтиот гем повторно го загуби својот сервис, по што Музети ја искористи втората сет-топка.

Меѓу вториот и третиот сет, Ѓоковиќ чувствуваше болки, се пожали на плускавци и мораше да побара лекарска помош. Успеа да го продолжи мечот, двајцата тенисери освоија по еден гем на свој сервис, а потоа Новак направи брејк без загубен поен.

Музети на паузата побара лекарска помош, при што докторот му ја масираше бутината, по што Италијанецот се обиде да продолжи со играта. Веднаш се забележа дека се движи потешко, Ѓоковиќ го потврди брејкот, а потоа следуваше шокантна предаја.