Православните верници денес го одбележуваат Власовден, празник посветен на Свети Власиј.
Свети Власиј бил христијански епископ кој живеел кон крајот на 3. и почетокот на 4. век. Неговиот празник во нашите краишта се нарекува и Власовден.
Свети Власиј е запаметен како богобојазлив и кроток човек кој сепак нашол сила да проговори против неправдата и да се спротивстави на мачителите.
Тој бил епископ на Севастија, град познат како многубожечки, во кој живеел многу мал број христијани, а тој им бил пример и поткрепа.
Кога започнал големиот прогон на христијаните кон крајот на 3. век, мачителите стигнале и до Севастија и до верниците под водство на Свети Власиј. Овој светител ги охрабрувал своите христијани, ги посетувал во темниците и не се одвојувал од нив сè до последниот час.
Откако градот останал без христијани – едни биле убиени, а други избегале – светителот се повлекол на блиската планина и целосно се посветил на молитва. Преданието вели дека дивите ѕверови го чувале и покрај него се однесувале како питомни.
Сепак, по извесно време, гонителите го пронашле и го одвеле на суд.
Според легендата, на патот дотаму, светителот излекувал болно момче и спасил домашни животни од волци. Свети Власиј бил жестоко мачен и на крајот бил убиен во 316 година.
Обичаи и верувања
Народот денес му се моли на Свети Власиј за напредок на домашната стока и за заштита од ѕверови, а неговиот култ се поврзува и со старословенското божество Велес. На Запад му се молат и против гушоболка.
За луѓето кои добро се согласуваат со животните, кои ги сакаат и кои животните ги сакаат, се вели дека се благословени од Свети Власиј и од него научиле таква љубов. Поради тоа, во некои краеви на Србија, денес никој не ја впрегнува стоката ниту работи со животни, за да не го навреди светителот.
Се приредува голема прослава во чест на Власовден, а на животните им се даваат дополнителни порции храна за и тие да уживаат.
Ако некогаш некое животно ви го спасило животот, старите велат дека го водела раката на Свети Власиј. Затоа, на овој ден треба да се отиде во црква и во негова чест да се запали свеќа.
