Повеќето луѓе имаат навика да пијат кафе веднаш штом ќе станат, а оваа навика е тема на многу дискусии, бидејќи никогаш не можеме да бидеме целосно сигурни дали е добро или не.

Многу луѓе пијат кафе наутро за да се разбудат, да ја зголемат енергијата и постепено да се подготвуваат за обврските кои ги очекуваат во денот. Колку и да е корисен овој пијалок, омилен не само кај Македонците, туку и кај луѓето ширум планетата, излегува дека во одредени ситуации може да биде штетен по здравјето.

Познато е дека прекумерното внесување кофеин предизвикува анксиозност, скокови на крвниот притисок и други заболувања, а експертите откриле дека може да го зголеми и шеќерот во крвта. Се разбира, не секогаш, но доколку кафето се пие во одредено време…

За време на експериментот, британските научници открија дека шолја црно кафе (приближно 300 мг кофеин) 30 минути пред појадокот го зголемува нивото на шеќер во крвта. Студијата потврдила дека оваа негативна последица се случува речиси веднаш, а нивото на гликоза се зголемува за 50 проценти!

Две причини можат да доведат до ова. Прво, кофеинот го блокира аденозинот, кој е вклучен во сигнализирањето на телото колку инсулин треба да произведе и им помага на клетките ефикасно да реагираат на овој хормон за регулирање на гликозата. Пиењето кафе пред оброк може да го намали лачењето на инсулин, што значи дека шеќерот во крвта ќе ви се зголеми.

Друга причина лежи во способноста на кофеинот да го зголеми нивото на хормоните на стрес во телото. За возврат, кортизолот и адреналинот го зголемуваат шеќерот во крвта за да обезбедат енергија за борба против стресот. За да го избегнете ова, советот на експертите е прво да појадувате, па дури потоа да пиете кафе.