Попишувачот ќе биде човек од населбата, односно маалото и тој ги знае тие што ќе ги попишува и тие што се попишуваат го знаат него. Евентуално може да отидат двајца попишувачи доколку некое лице што се попишува бара да се попише на јазик кој што не го знае и не го зборува претходниот попишувач, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, Илми Селами, заменик-директор во Државниот завод за статистика.

Селами во интервјуто зборува за подготовките за пребројувањето, за здравствените протоколи, и ги уверува граѓаните дека попишувачите сигурно нема да им однесат коронавирус дома. Во однос на лицитирањето со бројки, Селами со порака до политичарите- многу е попаметно политиката да молчи,отколку да тропа на празно, бидејќи тоа тропање може да ги оглуви тие што искрено си ја вршат работата  

Јованка ЦАРУЛЕСКА ГРУЕВСКА

Законот за попис од пред неколку дена и официјално е во сила, со засилено темпо течат подготовките за да се стигне се навреме пред почетокот, 1 април. Велите има време, но исто така сметате дека тој период не е оптимален. Зошто?

-Со оглед на тоа дека одредено време се каснеше со донесувањето на законот за пописот, како што минуваше времето, така се стеснуваше оптималниот временски простор во кој ние како Државен завод за статистика ќе можевме комотно да ги вршиме потребните теренски подготовки за пописот. Но, тоа е веќе минато, времето што е пред нас е сосема доволно за да можеме преку интензивни активности да ги вршиме сите подготовки кои потоа ќе овозможат квалитетен и кредибилен попис.

Може ли од овој аспект пописот да се одложи?

-Како што веќе напомнав, нема никаква причина за одлагање на пописот. Имаме солидна законска и институционална рамка за одржување на истиот. Создадени сите предуслови да Република Северна Македонија, конечно, после деветнаесет години, да организира и спроведува попис.

Дали опфатот на лица кои ќе бидат попишани, согласно си членот 6, ќе ја даде вистинската слика за резидентно население?

-Како што и од законот може да се види, таму дословно стои дека тоа е опфат на лица кои ќе бидат попишани. За да биде појасно, тоа ќе го објаснам во форма на категории. Значи, имаме две категории на население за кои ќе се обезбедат податоци со пописот. Едната категорија е „Вкупно резидентно население“. Оваа категорија ја сочинуваат лицата државјани со место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, без оглед дали во моментот на пописот се наоѓаат во местото на живеење или во друго место во Република Северна Македонија.

Потоа, во оваа категорија се и лицата-странци кои престојуваат во Република Северна Македонија подолго од една година, со одобрение за постојан или за привремен престој. Тука спаѓаат и лицата што имаат место на живеење во Република Северна Македонија и се нејзини државјани, а во времето на пописот престојуваат во странство помалку од една година поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив. Во оваа категорија се и лицата што имаат место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, а кои во времето на пописот се на работа во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство, Обединетите нации и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство, воени претставници на Армијата на Република Северна Македонија во странство и граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на домаќинствата што престојуваат привремено во странство со наведените лица, независно од должината на престојот во странство по некој од наведените основи. Освен овие лица, во вкупно резидентно население се сметаат и лица ако се континуирано присутни во земјата повеќе од една година, а тоа се странците со признат статус на бегалец што ќе се најдат во Република Северна Македонија во времето на пописот.  Потоа тука спаѓаат и странците со признато право на азил заради супсидијарна заштита, кои во времето на пописот се нашле во Република Северна Македонија, како и странците со поднесено барање за признавање право на азил што се нашле во Република Северна Македонија во времето на пописот.

Другата категорија на население за кои ќе се обезбедат податоци со пописот е „вкупно нерезидентно население“. Оваа категорија ја сочинуваат лицата државјани на Република Северна Македонија, кои во времето на пописот престојуваат во странство повеќе од една година, поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив. Потоа, во оваа категорија спаѓаат и лицата-странци кои престојуваат во Република Северна Македонија помалку од една година, со одобрение за привремен престој.

 вака објаснетите категории како вкупно резидентно и вкупно нерезидентно население, ќе ја сочинуваат категоријата вкупно попишано население. Со други зборови, на крај на пописот, точно ќе знаеме колку население имаме што живее во државата, колку имаме што живее надвор од државата, како и нивниот вкупен број.

Кои документи ќе барате да се приложат за оние кои се на работа или имаат престој надвор од државата ?Ќе може ли соседите да ги попишуваат гарстарбајтерите?

-Со оглед на тоа што пописот ќе се врши по електронски пат со користење на пренослив компјутер или таканаречени лаптоп, во електронската апликација се наоѓаат податоци за лицата од претпописната база на податоци. Така да при спроведувањето на пописот на терен, доволно ќе биде само да се покаже единствен матичен број на граѓанинот кој се попишува. Тоа практично значи влез во апликацијата за попис на конкретното лице за кое понатаму ќе се внесат податоците кои се бараат согласно прашалниците.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за политичка операција, со однапред договорени бројки.  Овој пат нема пописна комисија, се е во рацете на статистика. Се плашите ли од слично сценарио како во 2011?

– Политиката навистина не би требало да има место во статистичките операции, особено не во најголема статистичка операција како што е пописот.

Луѓе, пописот не го прават господата Заев и Ахмети па, како што вели опозицијата, ајде сега да седнат да се договорат како на кванташки пазар кој, кому и колку проценти ќе нафрли. Тоа е електронска статистичка операција чиј софтвер ќе генерира бројки во зависност од работата на попишувачите на терен.

Како што тие ќе попишуваат така и бројките ќе се генерираат сè до последниот граѓанин што ќе се попишува.

Дел од здравствени причини, дел од можеби политички, што ако пребројувањето наиде на отпор кај 2-3 илјади, но и повеќе граѓани? Ќе биде ли пописот така успешен и каква релевантност би имале резултатите?

– Пак ќе повторам и се надевам дека конечно кај сите нас ќе проработи здравиот разум и ќе сфатиме дека навистина нема никаква причина да не помогнеме сите ние како граѓани да бидеме дел од една „успешна приказна“ за успешно одржан попис. Тоа и го должиме на државата, тоа го должиме себеси, на генерациите кои доаѓаат, на нашето стопанство, на науката и на било какво планирање во државата. Јас навистина и искрено се надевам дека ќе имаме успешен и целосен попис. Велам успешен од аспект на успешноста на операцијата и целосен во смисла на неговата сеопфатност и целовитост.

 Дали во секој попишувачки тим ќе има еден Македонец и еден Албанец попишувач?

– Не, попишувачите сами одат на терен. Секој има свој опфат на објекти и домаќинства што треба да ги попишува.

Попишувачот е човек од населбата, односно маалото и тој ги знае тие што ќе ги попишува и тие што се попишуваат го знаат него. Евентуално може да отидат двајца попишувачи доколку некое лице што се попишува бара да се попише на јазик кој што не го знае и не го зборува претходниот попишувач.

Тогаш секако дека е потребно да биде повикан и ангажиран друг попишувач кој го знае јазикот на кој одредено лице побарало да биде попишувано.

Дел од функционерите од албанскиот блок веќе лицитираат со бројки, некои од нив одат дотаму што испраќаат пораки дека ако не биде исполнет одреден процент, резултатите нема да ги признаат.

-Работата излезе како онаа познатата …кој прв почна. Почнаа Левица и ВМРО ДПМНЕ со таканаречените договорени проценти еднаш од 35 па потоа како домино ефект продолжи лицитацијата со бројки. Јас велам „бидете храбри“, воздржете се од вакви лицитирања, издржите машки уште 5-6 месеци како што издржавте 19 години без попис… Лесно им е на политичарите да зборат и да се расфрлаат со бројки, нека седнат нешто здраво и асално да направат за да го помогнат овој процес на попис да биде успешен. Така и нам многу ќе ни помогнат. Некогаш и за одредени прашања, многу е попаметно политиката да молчи отколку да тропа на празно бидејќи тоа тропање може да ги оглуви тие што искрено си ја вршат работата.

Сомнежите дека има договор за „усогласување на етничките проценти” ги засилија врзаните потписи меѓу вас и Симовски. Зошто беше неопходен потпис и на заменикот?

– Прво, за да се подели одговорноста и да на се остават многу работи и одговорности само врз еден човек и второ, да се зголеми довербата во организирањето и спроведувањето на пописот. Јас во ова гледам промотивно и афирмативно и никако од призмата на недоверба. Впрочем и едниот и другиот во нашето работење сме обврзани да работиме во согласност со словото на законите во државата. Обврзани сме да го спроведеме законот за попис и во рамките на нашиот делокруг на работа нема ништо што би не ставил во позиција на меѓусебна колизија и кратки споеви. Боже мој, на крајот на краевите, за секое однесување секој си сноси одговорност сам за себе…

Што може лично вас да ве натера да не ставите потпис на резултатите?

– Мислам дека одговорот на оваа прашање претходно го апсолвирано малку погоре.

Фото: Н. Батев
Фото: Н. Батев

ГРАЃАНИТЕ НЕКА БИДАТ СПОКОЈНИ, ПОПИШУВАЧИТЕ НЕМА ДА ИМ ДОНЕСАТ КОРОНА ДОМА

Се разработува здравствен протокол од страна на Министерството за здравство за тоа како практично ќе се спроведува пописот на терен. Ние и нашите луѓе кои ќе бидат на терен, таквиот протокол ќе го почитуваме во максимум со што ќе се заштитиме и самите себе но и граѓаните кои треба да се попишуваат. Нема да имаме никаков пардон. Кој нема да се држи до протоколите ќе сноси одговорност, било кој и да е од пописната администрација. Граѓаните нека бидат спокојни дека попишувачите никако нема да им однесат инфекција во нивните домови туку ќе им носат добра вест дека конечно по цели деветнаесет години ќе имаме попис!

vecer.press