Пред точно две недели професорот Вело Марковски, еден од најпознатите македонски инфектолози беше активен на неговата Фејсбук страница со негови ставови околу амнестијата. Под еден од постовите имаше и ваков коментар:

-Идниот Претседател на нашата Држава Република Македонија.

Денеска, до медиумите од него стигна покана за прес конференција која треба да се одржи в четврток на 19. октомври во локалот „Прима Данца“ На овој официјален настан, д-р Вело Марковски ќе ги објави сите детали за неговото влегување во претседателската трка.

Тој ќе ја промовира и својата веб-страница velomarkovski.mk во која се содржани неговите досегашни активности и неговата програма како претседателски кандидат.

„Претседателот на државата е маргинализиран. Затоа ни е потребно народот да избере одговорен и способен претседател кој ќе биде независен од политичките партии и нивните претседатели“, наведува професорот во неговата „Визија за претседател“.

Иако, тој веќе три години е дел од највисоките органи на најголемата опозициска партија во земјава, ВМРО-ДПМНЕ, засега нема информации дали, професорот Марковски ќе биде поддржан од матичната партија и дали во трката за шеф на државата влегува на предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

Проф. д-р Вело Марковски е роден во мај 1960 година. Во неговата професионална биографија стои дека е вонреден пропфесор на Медицинскиот факултет „Гоце Делчев“ –Штип каде што предава инфектологија.

Инаку, тој е еден од осуммината обвинети кон крајот на декември 2020 година за незаконски археолошки истражувања и шверц на артефакти./Фактор