Ручале четири часа. Поранешниот премиер Зоран Заев, сегашниот Димитар Ковачевски и вечниот лидер на ДУИ, во Скопје долго дискутирале за настап на т.н. европски фронт на изборите. Што точно разговарале не информираат од главната владејачка партија, ама во кратки црти кажа премиерот. Не била прва, ниту последна средба, се познавал со Заев три децении, а и претходно имале ручеци кои траеле не четири, туку и четири и пол часа.

–Јас и бившиот претседател на СДСМ Заев се знаеме ни помалку ни повеќе 32 години, сме учеле факултет заедно, така да неретко се случува да комуницираме и да имаме ручек, кој што трае по четири, четири и пол саати, на кој што разговараме на многу теми. Вчера разговаравме за тоа како државата треба да напредува кон полноправно членство во ЕУ. Секој од нас можеше да ги сподели своите искуства од мандатите кои што ги имал. Ова ниту е прва, ниту е последна средба, посебно за некои кои што се знаат три децении и повеќе, изјави Ковачевски.

Од ВМРО ДПМНЕ пак не се сомневаат дека биле размени искуства за потезите на власта. Велат сигурно се разговарало за казината, лотариите, стекнувањето на Соравија, како што велат и европските практики на Кацарска во судството, на Филипче во здравството, во енергетиката и модуларната болница во Тетово.

-На европскиот состанок меѓу Заев, Ковачевски и претседателот на ДУИ сигурно се зборело за исполнетите бенчмаркови при киднапирањето на државата од ДУИ и СДС, за сложената европска операција за делење на шамари при контрола на летови во М-НАВ што според оваа европска тројка би било опишано како за европско тепање, за корупциските скандали со европско знаменце во РЕК, за бизнисите на ЕВРОВИА, за милионите за Бехтел и Енка, за европската марихуана на струмичкото поле, за европскиот азил на Ден Дончев со полно туце пари, за непостоечките инвестиции, за пасошите за криминалци, за европските редици за вадење на лични документи за граѓаните и редица други “успеси“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, оваа средба доаѓа во моменти кога СДСМ на еден начин моли за заеднички настап со ДУИ на изборите, додека пак интегративците калкулираат. Според информациите кај нив нема расположение за предизборна коалиција со партијата на Димитар Ковачевски./Алфа