Били Холидеј беше една од најголемите музички икони на сите времиња. Нејзиниот живот беше исполнет со тага и борба.
Били Холидеј, родена на 7 април 1915 година во Филаделфија, потекнува од сиромашно афроамериканско семејство. Нејзиниот живот беше исполнет со тешкотии: татко што постојано отсуствувал, тешко детство, насилство и сиромаштија. На само 11 години доживеала злоупотреба, што ќе остави траен белег врз неа и ќе ја турне кон пороците.
Музиката ѝ станала прибежиште од суровата реалност. Влијание врз неа имале Беси Смит и Луис Армстронг. Во Харлем започнала да пее во клубови, а на 18 години ја открил продуцентот Џон Хамонд. Нејзиниот глас, длабоко емоционален и препознатлив, ја однел до соработка со Бени Гудман и до првите снимки.
Во 1937 година се приклучила на оркестарот на Каунт Бејзи, а пријателството со саксофонистот Лестер Јанг ќе ѝ го донесе прекарот „Лејди Деј“. Но, и покрај музичките успеси, расната дискриминација останала нејзина постојана сенка – често не ѝ било дозволено ни да влезе низ главниот влез на салите каде што настапувала.
Нејзиниот приватен живот бил бурен. Била опкружена со насилни мажи и се борела со зависности. Првиот сопруг ѝ ја приближил дрогата, а вториот, Луис Мекеј, дополнително ја вовлекол во хероин. По смртта на мајка ѝ, состојбата ѝ се влошила.
Во 1947 година била осудена на затвор поради дрога, но веднаш по ослободувањето одржала распродаден концерт во Карнеги Хол. И покрај сè, останала музичка ѕвезда. Последниот албум „Lady in Satin“ го снимила во 1958 година.
Били Холидеј почина на 17 јули 1959 година, од цироза на црниот дроб, чувана од полиција во болничка соба. Нејзината песна Strange Fruit, која зборува за линчувањето на Афроамериканците, ја направи симбол на борбата против расната дискриминација.
Посмртно, во 2000 година беше примена во Рокенрол куќата на славните. Со својата музика, страст и храброст, Били Холидеј останува вечна икона на блузот и борбата за правда.
