Ајварот е традиционално јадење кое буди спомени на детството и семејните трпези. Јутјуберката Алмира Сијамхоџиќ сподели брз и едноставен рецепт за подготовка на ајвар во стан – и тоа со минимално масло.

Подготовката на ајвар за многу домаќинки претставува вистински мал ритуал – мирисот на печени пиперки се шири низ домот, а вкусот на домашниот ајвар е ненадминлив. Иако сме навикнати дека ајварот се прави во големи количини, со часови поминати крај шпорет и со огромни лонци, денес постојат и поедноставни начини – дури и во стан.

„Овој рецепт е од мојата тетка, таа прави најубав ајвар“, вели Алмира, која покажа како за само неколку часа може да се подготват пет тегли вкусен ајвар со само 200 мл масло.

Таа објасни дека најмногу време ѝ одземало лупењето на пиперките и модриот патлиџан, додека мелењето и готвењето оделе брзо. За околу еден час и половина, Алмира успеала да направи пет тегли по 580 грама.

„Погледнете колку е густ ајварот – за само неколку часа добив пет тегли. Овој ајвар ќе го јадам наредниве месеци бидејќи е домашен, проверен, без конзерванси и додатоци“, истакна таа.

Рецепт за ајвар (Алмира Сијамхоџиќ)

Потребно е:

  • 5 кг црвени пиперки

  • 1,5 кг модар патлиџан

  • 2 супени лажици оцет

  • 1,5 супена лажица шеќер

  • 2 супени лажици сол

  • 200 мл масло

Подготовка:

  1. Рерната загрејте ја на 200°C. Измијте ги пиперките и патлиџанот и избришете ги со крпа. Печете ги постепено во плех обложен со хартија за печење.

  2. Штом се испечат, ставете ги во најлонска кеса или покријте ги со фолија за да омекнат – полесно ќе се лупат.

  3. Излупените пиперки и патлиџан исчистете ги од семки и оставете ги во цедалка да се исцедат. Потоа сомелете ги во сечко или на машина за мелење.

  4. Во подлабок сад загрејте 200 мл масло и додајте ја смесата од пиперки и патлиџан. Варете на тивок оган околу 1 час и 20 минути.

  5. Кога ќе почне да врие и да прска, додајте оцет, шеќер и сол. Измешајте и варете уште околу 10 минути, постојано мешајќи.

  6. Во меѓувреме загрејте ги чистите тегли во рерна 10 минути на 100°C. Врелиот ајвар сипете го во врели тегли, затворете ги и оставете ги во исклучена рерна додека целосно не се изладат.