Народот не ја заборавил добрината и благоста на Свети Мирон.
Православна црква и верниците денес го слават денот на споменот на Светите маченици Мирон и Патрокле.
Свети Мирон беше од угледно и богато потекло, по природа благ и кроток, богобојазлив и човеколубив, и водеше богоугоден живот.
Свети Мирон Ахајски е христијански светител и свештеномаченик од 3. век. Роден бил околу 201 година во областа Ахаја, во времето на цар Декиј Трајан. Поради својата христијанска вера беше мачен и пострада во градот Кизик околу 250 година. Православната црква го прославува на 17 август по јулијанскиот календар, а на 30 август по грегоријанскиот календар.
Во времето на цар Декиј настапи голем прогон на христијаните. На самиот Божик, војската упадна во црквата каде што Мирон служеше литургија, го изведоа свештеникот пред народот и почнаа да го мачат барајќи од него да се одрече од верата.
Мачењето на овој светител било страшно – најнапред го гореа (легендата вели дека ангел му се јавил и го спасил од огнот), а потоа почнале да му ја дереат кожата, дел по дел. Мачениот Мирон, и покрај ужасните болки, не се поколеба, па дури во еден миг зеде парче од својата кожа и со него го удри римскиот судија по лицето.
Потоа Мирон беше одведен во градот Кизик и таму посечен.
Сепак, народот не ја заборавил добрината и благоста на Свети Мирон. И денес луѓето му се молат, а тој се смета за заштитник на кротките и невините луѓе кои никому не направиле зло. Се верува дека ќе им притекне во помош и ќе ги спаси од секоја неволја, ако во црква запалат свеќа и му се помолат.
Тропар
Маченикот Твој, Господи, Мирон, во своето страдање го прими нетлениот венец од Тебе, нашиот Бог, зашто имајќи ја Твојата помош, ги победи мачителите, а ја разори и немоќната дрскост на демоните: Неговите молитви нека ги спасат нашите души.
Свети маченик Патрокле
Граѓанин на градот Триказин, денешен Труа во Галија. Од родителите наследи голем имот, но како вистински христијанин секојдневно делеше милостиња на сиромашните, а самиот живееше подвижнички, јадејќи еднаш дневно, и тоа по заоѓањето на сонцето.
Поради светоста на неговиот живот, Господ му дарува сила на исцелување, па како чудотворен исцелител стана познат насекаде. Кога царот Аврелијан пристигна во Галија, нареди да му го доведат Патрокле. Светиот Патрокле пред царот ја исповеда својата вера во Христа и ништо не сокри.
„Ако сакаш, царе, нешто од моите богатства, ќе ти дадам, зашто те гледам сиромав“, рече свети Патрокле. На тоа царот одговори: „Како ти мене, царот, ме нарекуваш сиромав, кога имам безброј богатства?“ Тогаш светецот му рече: „Имаш само земни, минливи богатства, но си сиромав, бидејќи ниту себеси се имаш, ниту Христовата вера во срцето.“
Тој беше осуден на смрт и предаден на војниците за да го одведат во една мочурлива долина крај реката и таму да го посечат, а телото да му го остават во калта. Но светецот се молеше на Бога телото негово да не остане во таа кал, и по Божја сила одеднаш стана невидлив за војниците и беше пренесен на другата страна на реката. По долго барање, војниците го најдоа и го посекоа на едно суво место.
Двајца просјаци, на кои Патрокле често им давал милостиња, поминаа по тој пат, го препознаа телото на својот добротвор и чесно го погребаа.
