Стјуардеса од компанијата „Емиретс“ откри еден од најстресните, а во исто време и најгламурозни делови од работата. Таа истакна дека дежурството на аеродром ѝ е највозбудливиот и најгламурозен дел од професијата.
Во неодамнешно видео на TikTok, членката на екипажот Верена, сподели како изгледа да се биде распореден на оваа должност и откри дека во седиштето на авиокомпанијата во Дубаи постои дури и таен „куток за разубавување“, каде што персоналот може да ја освежи шминката, пишува „Дејли мејл“.
Што значи стендбај?
Стендбај значи дека вработените мора да дојдат на аеродром во целосна униформа, со спакуван куфер, подготвени во секој момент да се качат во авион ако некој колега ненадејно се разболи или ако недостига персонал на летот.
„Ова е тајно еден од највозбудливите делови од работата во Емиретс“, рече Верена.
Најзабавниот дел, додаде таа, е целосната неизвесност – не знаеш каде ќе леташ, ниту пак дали воопшто ќе полеташ.
Еден миг пиете кафе во салон, а веќе следниот можете да тргнете кон Сиднеј, Сеул или Сан Франциско. Во случајот на Верена, ја упатиле за Њујорк само два часа пред полетување.
По проверите и предавањето на багажот, таа отишла во она што го нарекува една од најдобро чуваните тајни на работата – во „crew“ зоната.
Внатре, „Емиретс“ направил простор налик на луксузно хотелско лоби, со компјутерски станици, тивки соби за одмор и, најинтересно, куток за разубавување.
„Таму секогаш ја поправам шминката“, открила таа.
Модерниот простор им овозможува на стјуардесите да го довршат препознатливиот црвен кармин или да го усовршат ајлајнерот пред полетување. Ако екипажот не е потребен, стендбај трае до четири часа, време кое можат да го поминат во читање, работа или одмор, пред да добијат дозвола да одат дома.
Строги правила за изглед
Она што патниците често не го знаат е дека стјуардесите и стјуардите во „Емиретс“ мора да посетуваат „училиште за убавина“ каде што учат насоки на компанијата за шминка и фризура.
„Сите прамени околу лицето и вратот мора да се закачат, а фризурата не смее да го попречува правилното носење на капата“, изјавила стјуардесата Александра.
„Изгледот е составен дел од брендот на Емиретс, поради што постои посебен тим за имиџ и униформи кој внимава стандардите за коса и шминка доследно да се почитуваат“, додала таа за „Дејли мејл“.
„Кога станува збор за шминка, не е пропишано кој бренд мора да се користи, тоа е личен избор. Но, строго е одредено кои производи се задолжителни. Често нè прашуваат дали мора да користиме одредена нијанса, но тоа не е пропишано – важно е бојата да одговара на црвената од униформата и да не биде сјајна.“
Што се однесува до фризурата, правилото е косата секогаш да биде чиста и уредна.
„Дозволени се различни стилови: француска пунџа, класична пунџа или слични варијанти“, објаснила таа.
И машкиот персонал мора да почитува стандарди. „Косата мора да биде уредна, конзервативна, зачешлана. Не смее да биде натопена со гел или восок, секогаш мора да биде уредно потстригана и да не ја допира јака од кошулата“, рекла Александра.
За повеќе од 20.000 членови на кабинскиот персонал на „Емиретс“, стендбајот е дел од ритамот на работата – истовремено стресен и возбудлив.
Патниците можеби никогаш нема да дознаат, но насмевката на стјуардесата што ги поздравува на влезот во авионот можела да се роди само неколку часа порано, откако таа поминала време во салонот чекајќи да дознае каде ќе ја однесе следниот лет.
