Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска соопшти дека нема нови докази кои би наложиле промена на тековните препораки за употреба на парацетамол, познат како Тајленол во САД, за време на бременост.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера го поврза аутизмот кој настанува кај плодот за време на бременоста со употребата на детски вакцини и земањето на популарниот лек против болки Тајленол за време на бременоста, изнесувајќи тврдења кои не се поткрепени со научни докази во преден план на американската здравствена политика, пренесува Ројтерс.

„Достапните докази не откриле врска помеѓу употребата на парацетамол за време на бременоста и аутизмот“, соопштија од ЕМА за Ројтерс.

Додадоа и дека парацетамолот за време на бременоста може да се користи кога е потребно, но во најмали можни дози и со најмала учестеност.