Поради прецизното евидентирање на влезот и излезот од ЕУ, возачите на камиони повеќе нема да можат во рок од 180 дена да престојуваат ниту една минута подолго од дозволените 90 дена на територија на ЕУ, бидејќи тоа сега станува видливо.

Примената на новиот систем за електронско евидентирање на влез и излез (EES – Entry-Exit System) на територијата на земјите од ЕУ, Швајцарија, Лихтенштајн, Норвешка и Исланд, кој започна на 12 октомври годинава, може да донесе сериозни проблеми за дел од српската економија, пред сè за компаниите што се занимаваат со меѓународен транспорт.

Ограничен престој до минута

Имено, ова прецизно пресметување на престојот на поединец надвор од Шенген-зоната на територијата на ЕУ не им оди во прилог на возачите на камиони од Србија, кои повеќе нема да можат да остануваат подолго од 90 дена во рамки на 180-дневен период.

– Во рок од 180 дена, возач од земја надвор од Шенген може да помине 90 дена во Европската унија. Секоја минута подолго престојување се смета како 24 часа. Тоа значи дека ние ќе ги потрошиме тие 90 дена за околу четири месеци, а потоа нема да можеме да работиме. Потоа ќе ги враќаат нашите луѓе од граница или ќе ги депортираат од територијата на ЕУ. И тоа не се однесува само на нашите возачи, туку и на колегите од Босна, Македонија и Турција – вели за „Курир“ Љубинко Златиќ, сопственик на транспортната компанија „Златиќ“ д.о.о. од Краљево.

Неѓо Мандиќ истакнува дека превозниците побарале помош од надлежните институции во Србија за решавање на овој проблем.

– Подготвивме платформа која премиерот Ѓуро Мацут ќе ја презентира на состанокот во Лондон од 22 до 24 октомври, каде што ќе присуствуваат сите премиери од ЕУ и Велика Британија, па ќе видиме – вели Мандиќ.

Сè станува видливо

Иако правилата за престој во ЕУ не се променети од 1985 година, кога беше потпишан Шенгенскиот договор, со воведувањето на ЕЕС системот секоја минута престој во ЕУ станува видлива, што претходно не беше случај.

– И досега секоја минута по полноќ се сметаше како еден ден престој во ЕУ, но тоа не беше видливо, бидејќи никој не ги броеше печатите во пасошите, па возачите остануваа и по 105 или 110 дена наместо 90. Никој не обрнуваше внимание на тоа, а сега со овој нов систем сè ќе се следи, и затоа нè исфрлаат од игра. На тој начин се загрозува транспортната индустрија на Србија, Македонија и Босна, бидејќи тие не се членки, а имаат потреба секојдневно да влегуваат во ЕУ поради извоз и увоз на стока. Кога возачите ќе ги потрошат тие 90 дена, повеќе не можат да работат – нагласува Неѓо Мандиќ, директор на Деловното здружение „Меѓународен транспорт“.

Проблемот – недостиг на возачи

Мандиќ додава дека на состанокот во Европската комисија во Брисел го изложиле овој проблем и побарале возачите да бидат изземени од ова ограничување на престојот во ЕУ, но решение не е пронајдено.

– Ни предложија да вработиме уште возачи, но тој проблем не може така да се реши, бидејќи возачи едноставно нема, и немаме од каде да ги најдеме – заклучува Мандиќ.