На небото над Сплит е снимен мистериозен светлечки објект кој се распаднал во воздух и зад себе оставил долг светлосен траг.
Хрватските медиуми известуваат за необична појава на небото над градот. Снимката што ја направиле жителите ја објави порталот 24sata на Фејсбук, по што брзо се прошири на социјалните мрежи, пренесува „N1 Словенија“.
Многумина на интернет се обидуваат да претпостават за што би можело да се работи.
Хрватскиот астроном Анте Радониќ изјавил за порталот дека постојат две можни претпоставки: или станува збор за согорување на дел од ракета што се распаднала или за фрагмент од сателит кој навлегол во погустите слоеви на атмосферата. Тој објаснил дека до такво согорување може да дојде на висина поголема од 60 километри.
Се разбира, фантазијата си го прави своето, па покрај стандардните претпоставки за вонземјани, се појавиле и бројни шеговити коментари.
„Добро, признавам. Тоа бев јас – Супермен, и ова не требаше да го видите,“ напишал еден корисник на Фејсбук.
„Дедо Мраз тргна во прва извидница да провери кој бил добар, а кој не,“ додал друг.
