Кеси од Велика Британија се преселила во Виетнам и открила дека во таа земја можете да потрошите само 344 евра месечно – вклучувајќи кирија и храна.
За време на студените зимски денови, сите размислуваме за море, ги броиме деновите до летото и одморот. Но, има луѓе кои не сакаат само да сонуваат – туку прават сериозни чекори за да го остварат својот животен сон.
Една од нив е и Кеси, Британка која се преселила во Виетнам – земја што ја опишува како вистински рај на земјата со исклучително ниски трошоци за живот.
Таа на социјалните мрежи сподели дека во Виетнам живее со само 344 евра месечно, дека изнајмува стан за 172 евра, а се храни во ресторани каде што оброк чини само 1,15 евра.
Живот во Да Нанг
Кеси е инфлуенсерка која редовно објавува содржини поврзани со патувања, а овојпат го сподели своето искуство од Виетнам:
„Дали знаевте дека во Виетнам можете да живеете со 344 евра месечно?“, ги праша таа своите следбеници во една објава. Во тој период живеела во Да Нанг – крајбрежен град во централниот дел на Виетнам, познат по песочните плажи и уредената обала.
За поевтин сместувачки простор, таа советува да се избегнува Airbnb и наместо тоа да се провери Facebook Marketplace, бидејќи на тој начин, како што вели, цените можат да се преполоват. Признава дека таа платила „двојно повеќе“ бидејќи имала само 24 часа да најде стан.
Нејзиниот стан со базен чини 562 евра месечно, но вели дека често ѝ пишуваат луѓе кои тврдат дека таму може да се најде стан и за 172 евра месечно. Со поглед кон плажата, таа додава: „Ова навистина изгледа како рај.“
Неделни трошоци
Кеси објави и детален преглед на своите трошоци. Киријата ја дели со момчето, па нејзиниот дел изнесува 281 евро месечно. Храната, според неа, е исклучително евтина: ако јадете западна храна, оброкот чини околу 4,60 евра, а ако јадете локално – околу 1,15 евра.
Такси превозот е исто така достапен, околу 3,45 евра по возење. За активности како излети и спорт неделно троши меѓу 23 и 34 евра, а за масажи дополнителни 23 евра месечно.
Нејзината објава на TikTok стана вирална и собра 1,4 милиони прегледи. Додека некои корисници со воодушевување коментираа: „Ова е неверојатно“, други беа повнимателни: „Премногу зборувате за ова место. Ми се допаѓа мирот овде – немојте да го уништите!“, напиша еден корисник.
Најповолна земја за странци
Според истражувањето Expat Insider 2024, спроведено од InterNations, Виетнам четврта година по ред е прогласен за најповолно место за живот во светот. Како што пренесува Forbes, 86 проценти од странците позитивно ги оцениле трошоците за живот во таа земја – што е повеќе од двојно над глобалниот просек од 40 проценти.
Половина од испитаниците изјавиле дека трошоците за живот во Виетнам се „многу добри“, што е значително над светскиот просек од 12 проценти, пренесува Index.hr.
