Дачиќ им се заблагодари на лекарите и се ракуваше со медицинскиот тим кој се грижеше за него.

Министерот за внатрешни работи и претседател на СПС, Ивица Дачиќ, денеска излезе од болница и ќе продолжи со лекување во домашни услови.

Тој од Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија излезе заедно со сопругата и синот, насмеан, а ја подигна и раката во знак на победа. Кратко застана и им се обрати на новинарите, порачувајќи:

„Само сакам да ги замолам сите да си го чуваат здравјето!“

Дачиќ им се заблагодари на лекарите и се поздрави со медицинскиот персонал кој се грижеше за него.

По тој повод се обратија и лекарите од пулмологија на Клиничкиот центар на Србија, кои изјавија дека Дачиќ сега е во добра и стабилна состојба и дека лекувањето ќе го продолжи дома.

Тие додадоа дека добил и упатства за понатамошната терапија.

Да потсетиме, на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија, каде што Дачиќ беше хоспитализиран од 25 февруари, го посетиле членови на неговото семејство, како и претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Дачиќ беше хоспитализиран поради обострано воспаление на белите дробови, а до 2 март се наоѓал на респиратор. Потоа неговата здравствена состојба се подобрила, па на 5 март бил преместен од интензивна нега на одделение.