Верниците на православна црква денес ги празнуваат Светите седум свештеномаченици херсонски: Василиј, Ефрем, Евгениј, Елпидиј, Агатодор, Етериј и Капитон. Сите тие биле епископи во Херсон и сите пострадале од неверници – од Евреи, Грци или Скити. Тие како мисионери ја ширеле евангелската светлина.

Од седумтемина свештеномаченици што денес се празнуваат, само Етериј починал мирно. Сите со цело срце верувале во Бога и го проповедале Евангелието, а еден од епископите, откако излегол неповреден од оган, им докажал на неверниците дека Бог постои.

Преданието вели дека свештеномаченикот Василиј воскреснал син на еден кнез во Херсон, што ги налутило Евреите, па го обвиниле. Неговата смрт била сурова: го врзале за нозете и го влечеле по градските улици додека не издивнал. Ефрем бил убиен со меч, а Евгениј, Елпидиј и Агатодор биле тепани со стапови и камења сè додека не починале во тешки маки. Бидејќи Етериј живеел во времето на царот Константин Велики, првиот христијански цар, тој мирно и слободно управувал со црквата, изградил голем храм во Херсон и починал во мир.

Епископ Капитон излегол неповреден од зажарена печка

Кога Капитон, последниот од седумтемина свештеномаченици, бил испратен за епископ, дивите Скити побарале од него знак за да поверуваат во Исус Христос. Му предложиле да влезе во огнена печка, па ако не изгори – сите ќе поверуваат.

Капитон ставил омофор, се прекрстил и влегол во зажарената печка, молејќи се на Бога. Преданието вели дека стоел во жарта цел час, а потоа излегол без ниту една повреда. Пламенот не ја оштетил ни неговата облека, па сите присутни извикале:

„Еден е Бог, Бог христијански, голем и силен, кој го сочува својот слуга во огнената печка!“

За ова чудо се зборувало и на Никејскиот собор. Сите го прославиле Бога и ја пофалиле силната вера на Свети Капитон. Тој подоцна пострадал на реката Днепар, каде што незнабожечките Скити го удавиле.

Според народните верувања, денес е забрането да се зема игла и конец в рака, а за здравје и напредок на семејството, жените задолжително треба да ја исчистат куќата.