Old woman preparing red peppers for winter pepper sauce, ajvar

Дознајте како едноставно да ги излупите печените пиперки со неколку корисни трикови и совети за побрзо подготвување зимница.

Време е за подготвување зимница и планирате да направите ајвар, но ве нервира тоа што треба да ги излупите печените пиперки?

Не грижете се – ви носиме неколку совети кои ќе ви помогнат оваа работа да ја завршите побрзо и полесно.

1. Трик со алуминиумска фолија

Овој трик применете го доколку пиперките ги подготвувате така што исчистени и исечени ги печете во рерна.

Пред печењето, добро прекријте го садот или плехот со алуминиумска фолија. Цврсто притиснете ги рабовите за да не може воздухот да влегува.

Кога пиперките ќе бидат готови, не ги вадете од садот и не ја отстранувајте фолијата. Оставете ги така покриени околу 20 минути.

Пареата која ќе се задржи под фолијата ќе помогне кожата да се одвои од месото на пиперката, па многу полесно ќе можете да ги излупите.

2. Трик со сад

Ако пиперките ги печете во рерна, а немате алуминиумска фолија, веднаш по печењето, додека сè уште се жешки, внимателно ставете ги на купче.

Покријте ги со поголем сад и оставете ги да се изладат.

Ќе се создаде ист ефект на парење како и со алуминиумската фолија, што ќе помогне кожата полесно да се одвои.

3. Трик со чепкалка

Понекогаш кожата на пиперките не се одвојува доволно лесно. Во обид побрзо да ја отстраниме, често користиме нож или друг остар кујнски предмет и на тој начин го оштетуваме месото на пиперката.

Во таква ситуација може да помогне чепкалка за заби.

Таа е доволно цврста за да ја подигне кожата, а истовремено е доволно тенка и мала.

Внимателно протнете ја под кожата, полека повлекувајте кон краевите на пиперката, а потоа со прстите одвојте ја кожата која веќе сте ја ослободиле.

4. Трик со кеса

Жешките пиперки ставете ги во кеса, а потоа добро затворете ја.

Оставете ги пиперките да се изладат во кесата.

Пареата што ќе се создаде внатре ќе помогне кожата полесно да се одвои од месото.

Откако ќе се изладат, внимателно излупете ги пиперките.

Мал совет

За полесно лупење, избирајте помеснати и зрели пиперки. По печењето, оставете ги покриени или затворени некое време – токму пареата е еден од наједноставните начини кожата полесно да се одвои.