Денеска новинарите кои ја следат работата на Собранието, во својата група каде споделуваат информации за собраниските случувања, објавија и фотографија направена на една од собраниските комисии кои се одржуваат во текот на денешниот ден, а на која можат да се забележат народни избраници со неправилно поставени маски.
Од фотографијата може да се забележи дека освен пратеникот Павле Трајанов, кој говори на комисијата и затоа е оправдано што во тој момент не ја носи маската, има уште двајца други пратеници чии маски се неправилно наместени, односно ги носат под носот и устата. Тоа се смета како начин на носење на заштитната масјка кој не е добар, бидејќи не ги штити граѓаните од ширење на коронавирусот.
Дел од оправдувањата за овие пратеници се дека тие се држат на соодветната социјална дистанца, а и говорниците на кои се обраќаат, редовно се дезинфицираат.
Некои од собраниските служби објаснуваат дека секаде во Законодавниот дом стојат натписи во кои е наведено оти маските мора да се носат и да се одржува социјалната дистанца.
„Не можеме да одиме и ние да им ја ставиме маската на пратениците. Ако самите не знаат да се чуваат себе и своето здравје, што да правиме“, објаснуваат некои од собраниските извори.
Реакциите се дека носењето маска е законска обврска и дека пратениците треба да бидат опоменувани зошто не носат маски.
