Вака дел од испитната комисија се договара дали кандидатот треба да добие возачка дозвола или не.
Видеото до Сител го испрати револтиран каднидат, кој до нас се пожали дека неколкупати бил неправедно оценет и бутнат на возачкиот испит.




Вакво слично искуство имал и 33 годишниот Никола од Скопје кој пред камерата на Сител се пожали дека за да положи дури му било побарано и мито.
Тврди дека тој не е единствената личност. Слушнал дека и на други кандидати им се случило истото.




Сител направи кратко истражување колку кандидати дневно положувале во месец март. Според податоците месецов во првите седум работни дена дневно поминале само околу 20 проценти од оние кои полагале во главниот град.
Од здружението на автошколи и возачи инструктори велат дека се загрижени за ваквиот мал процент на положени кандидати. За проблемот се обратиле и до надлежните. Велат дека треба принципот на полагање да биде според европските регулативи.




Никој досега не пријавил до Испитниот центар за барање мито од комисијата. Оттаму охрабруваат сите на кои им бил побаран поткуп да пријават во полиција.
– Ова се потврдува со фактот дека до МВР нема поднесено ниту една пријава по ниеден основ за работењето на испитниот центар, а тоа доволно кажува за нашето работење во овие две и пол години. Стапката на положеност е обично од 25 до 40 проценти за градско возење и таа зависи од квалитетот на обуката и покажаното знаење од страна на кандидатите за време на спроведување на возачкиот испит кој се спроведува спроред законот за безбедност во сообраќајот, правилникот за проверка на знаењето на кандидатите за возачи и оценувачките листи, велат од компанијата.




И од МВР апелираат до сите оние кои ќе им биде побарано мито случајот веднаш да го пријават. Велат дека е зголемен бројот на оние кои возеле без дозволи, но тоа се должело на зголемените контроли.
Изминатите неколку години значително се покачени и цените за полагање. Поради пандемијата за време на возачки испит во автомобилот се присутни само две лица од комисијата, а претходно беа тројца, плус по желба на кандидатот можеше да присуствува и инструкторот.




До пред повеќе од 12 години во возилото присуствуваше и полициски службеник.
