Зголемувањето на цената на електричната енергија сериозно ќе ги погоди граѓаните, особено посиромашните, поради тоа што најголем дел од домашниот буџет оди на сметките за струја, оценува економскиот експерт Бранимир Јовановиќ. Според него најмногу иритира тоа што ова се прави за да се задоволат барањата на големите енергетски компании кои остваруваат високи профити.
„За кого работат тие институции. За кого работи Регулаторна комисија за енергетика, дали работи за монополските компании или работи за граѓаните и за општиот јавен интерес. Тоа треба да се запрашаме. Второ многу важно е дека беше кажано дека ние имаме најевтина струја во Европа. Тоа апсолутно не е точно, затоа што треба да ја гледате цената на струјата сразмерно со примањата на луѓето. Ние исто така имаме и најевтина плата во Европа, просечната плата е 400 евра месечно, така што ако ја споредите колку е цената на струјата кај нас со платата во нашата држава, ние имаме една од најскапите струи во Европа.“, рече Јовановиќ.
Јовановиќ вели дека во услови на криза покачувањето на струја не е добар потег и се надева дека ќе се повлече одлуката. Многу држави за да им помогнат на граѓаните ја намалија цената , пример Словенија за 20 проценти, а Кипар за 10 насто, а кај нас одлуката се носи во услови кога имаме техничка влада и пред државен празник. Предлогот што го напомна претседателот на Регулаторна Марко Бислимовски за намалување на ДДВ на струјата, вели, воопшто не е решение.
„Значи од една страна ќе покачиме цена на струја, од друга страна ќе им даваме ваучери на луѓето да плаќаат помалку струја. Смешно е тоа. Ова според мене е една од најзначајните економски и социјални одлуки која што сме ја имале во оваа држава во последниве 10-15 години. Јас не памтам вакво покачување на цена на струја, 7,4 проценти воопшто не е малку.“, рече Јовановиќ.
Преку заедничко соопштение реагираа голем број синдикати и здруженија, според кои покачување на цената на струјата е скандалозна одлука и бараат веднаш да биде повлечена.
„Револтира што одлуката се носи во текот на најголемата криза од поново време, кога илјадници луѓе остануваат без работа или добиваат намалување на платите. Револтира образложението на претседателот на Регулаторна комисија дека цената морала да се покачи поради намалените приходи на енергетските компании. Профитот на големите монополски компании не смее да биде пред јавниот интерес и обврската на државата да ги штити посиромашните граѓани“.
Оние кои се фалеа дека го дале со враќање на евтината тарифа, денес го одземаа повеќекратно, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ не доведе до питачки стап. Во време на корона криза кога секој е погоден на некој начин од кризата, не можеше да случи поголема катастрофа од ова зголемување на цената на струјата. Кога секое семејство се бори за да го преживее од први до први во месецот,плашејќи се и од здравствената криза, СДСM реши да ги богати енергетските компании“, рече Стоилковски.
На ова вратија од СДСМ од каде велат дека во времето кога владееше ВМРО-ДПМНЕ цената на струјата се покачи за 100 проценти.
„После сите штети што ги нанесе врз енергетскиот систем, преку расипничките и криминални проекти, ВМРО-ДПМНЕ нема никаков кредибилитет да зборува за енергетиката. Со корекцијата на цената Република Северна Македонија и натаму има една од најниските цени на електрична енергија во регионот и во Европа“, вратија од СДСМ.
За преиспитување на ваквата одлука повикуваат и од партијата ДОМ. Оттаму сметаат дека е потребно ЕСМ и МЕПСО да ги намалат оперативните трошоци на работењето, а ЕВН да ја намали маржата на профит и со тоа да се добијат пониски сметки за струјата.
