Од денеска системот „Безбеден град“ официјално започнува со изрекување казни преку полициските камери, кои автоматски ќе ги регистрираат сообраќајните прекршоци. Периодот на опомени заврши, а на сила стапуваат парични санкции за непрописно паркирање, пречекорување на брзина, поминување на црвено светло и управување возило со неважечка регистрација.

Според информациите од МВР, казните ќе се движат од 15 до 500 евра, во зависност од прекршокот. За пречекорување на брзината глобите се од 10 до 300 евра, за поминување на црвено светло — 250 евра, за непрописно запирање и паркирање — од 25 до 180 евра, додека за возење нерегистрирано возило следува казна од 500 евра.

Владата информира дека на почетокот од примената на системот нема регистрирани поплаки од граѓани. Толеранцијата е поставена на 15 проценти над дозволената брзина, што е повисоко од европскиот просек од 10 проценти.

Проектот „Безбеден град“ освен во Скопје, Куманово и Тетово, ќе ги покрива и сообраќајните коридори 8 и 10-д, со план постепено да се прошири на целата територија на државата.

Јавноста е поделена — едни сметаат дека мерката ќе донесе поголема дисциплина и безбедност во сообраќајот, додека други ја доживуваат како преголема контрола и дополнителен финансиски товар. Надлежните, пак, велат дека целта е намалување на прекршоците и несреќите, а не полнење на буџетот.