Православна црква денес го одбележува Свети Мартин Исповедник.
Свети Мартин Исповедник станал папа на 5 јули 649 година, токму во време на жестоки расправи меѓу православните и еретиците монотелити (едноволници).
Во тоа време царувал Констанс II, внук на Ираклиј, а цариградски патријарх бил Павле. За да воспостави мир во црквата, самиот цар напишал книга наречена „Гипос“, која им одговарала на еретиците.
Папата Мартин свикал собор од сто и пет епископи, на кој била осудена оваа царска книга. Во исто време му напишал писмо на патријархот Павле, молејќи го да се држи до чистата православна вера и да го советува царот да се откаже од еретичките учења.
Тоа писмо ги налутило и патријархот и царот. Царот испратил војвода Олимпиј во Рим за да го доведе папата врзан во Цариград. Војводата не се осмелил да го врзе папата, но наговорил еден војник да го убие со меч во црква. Кога војникот влегол со скриен меч, одеднаш ослепел.
Така, по Божја промисла, Мартин ја избегнал смртта. Во тоа време Сарацените ја нападнале Сицилија, па Олимпиј заминал таму, каде што и починал.
Потоа, со интриги на патријархот Павле, царот испратил друг војвода, Теодор, да го уапси папата под обвинение дека е во соработка со Сарацените и дека не ја почитува Пресвета Богородица.
Кога војводата пристигнал во Рим и ги прочитал обвиненијата, папата одговорил дека тоа е клевета, дека нема никаква врска со Сарацените, непријатели на христијанството, и дека оној што не ја почитува и не ѝ се поклонува на Пресвета Богородица, нека биде проклет и во овој и во идниот век.
Но тоа не ја променило одлуката. Папата бил врзан и одведен во Цариград, каде долго лежел во затвор, мачен од тешкотии и глад. На крај бил осуден на прогонство во Херсон, каде живеел две години и починал во 655 година, предавајќи ја својата душа на Господ, за кого многу пострадал.
Две години пред него починал и покајаниот Павле. Кога царот го посетил пред смртта, Павле се свртел кон ѕидот и заплакал, признавајќи дека многу згрешил против папата Мартин и молејќи царот да го ослободи.
Се верува дека на овој ден треба особено да се посветат на молитва оние што се неправедно оклеветени.
